Меморијален центар на АСНОМ во Пелинце
Меморијалниот центар во Пелинце е посветен на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински.
Првото заседание на АСНОМ претставува државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија во склоп на југословенската федерација. На него се донесени повеќе решенија, меѓу кои се решението за конституирање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ во врховно законодавство и извршно тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија.
Заседанието започнало со изведување на песната „Изгреј зора на слободата“, а било отворено од најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес, со присуство на делегати од сите краишта на Македонија и на претставници на големите сили.
Бил формиран и Президиум, кој фактички претставува прва македонска влада. За претседател е избран Методија Андонов – Ченто, за потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков, а за секретари: Љупчо Арсов и Владимир Полежиновски. Президиумот имал и двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 члена.
Меморијалниот комплекс на АСНОМ во село Пелинце е сместен покрај реката Пчиња на околу 8 км од манастирот Св. Прохор Пчински. Свечено е отворен на 2 август 2004 година, во повод на 60-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Покрај музејот на АСНОМ, комплексот располага со ресторан, амфитеатар за приредби, игралишта и парк кој е едно од омилените места за разонода на месното население.
Проектант на Меморијалниот центар е архитектот Георги Константиновски, а монументалниот мозаик на фасадата на музејот е дело на Рубенс Корубин.
Во музејот е сместена копија на собата од манастирот „Прохор Пчински“, во која се одржало Првото заседание на АСНОМ, а до неа е спомен-собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава.