Градешница е едно од најживописните села во Мариово и место каде природата, историјата и мариовската традиција се спојуваат во уникатна туристичка приказна. Сместено покрај чистата Градешка Река, на околу 52 километри од Битола и на надморска височина од околу 800 метри, селото е опкружено со планини, пасишта, шуми и недопрена природа.

Содржина
- Вовед
- Село со длабока историја
- Итар Пејо – симбол на македонската шегобијна мудрост
- Црква „Св. Димитриј“ XIV век
- Споменик „Победа – 100 години потоа“
- Црква Св. Никола
- Манастир „Св. Илија“ – Брен
- Градешка Река
- Извор Раговец – место каде што водата ги спојувала луѓето
- Тврдината Пешта и приказната за Калеш Анѓа
- Недопрена природа, традиционални специјалитети и квалитетен Мариовски мед
- Добро Поле – местото каде е пробиен Македонскиот фронт
- Приватен воен музеј на Митко Нале
- Само-водечки тури – истражете во свој ритам
- Како до Градешница?
- Сместување во Градешница

Вовед
Градешница е позната и како родното село на легендарниот Итар Пејо, еден од најпознатите ликови во македонската народна традиција. Но, приказната за селото е многу постара од легендите за неговиот прочуен итрец. Археолошките наоди сведочат за долг континуитет на човечко присуство на овој простор, кој датира уште од праисторијата.

Денес Градешница е место за оние кои сакаат да избегаат од градската гужва, да прошетаат покрај планинска река, да ги истражуваат старите цркви и историските локалитети и да го почувствуваат автентичниот дух на Мариово.
Село со длабока историја
Точното време на основање на Градешница не е познато. Сепак, археолошките наоди покажуваат дека на ова подрачје постоел живот уште од праисторискиот период.
Особено интересен доказ е праисториската керамика украсена со спирални мотиви, која е вградена во ѕидовите на црквата „Св. Ѓорѓи“, во горниот дел од селото. Овој необичен детал претставува уште еден показател за длабоките историски корени на селото.
Градешница е интересна и по уште еден редок археолошки наод. Во 1952 година во близина на селото бил пронајден заб од мастодонт, еден од ретките примероци од овој вид кои се пронајдени на територијата на Македонија. Денес примерокот се чува во Природниот музеј во Белград.

Итар Пејо – симбол на македонската шегобијна мудрост
Итар Пејо е еден од најпознатите ликови во македонската народна традиција, кој потекнувал од село Градешница. Претставен како сиромашен, но исклучително снаодлив селанец, тој со духовитост и итрина се справувал со незнаењето, мрзеливоста и ароганцијата на луѓето.

Приказните за Итар Пејо се поврзуваат со периодот на османлиското владеење, а во народната традиција тој често е прикажуван како духовит и досетлив противник на Насредин Оџа.
Преку неговите приказни, народот на Мариово на духовит начин ги пренесувал своите пораки и животни поуки, претворајќи ја итрината во симбол на снаодливост и мудрост.
Со текот на времето, приказните за Итар Пејо биле запишувани од повеќе автори, а меѓу најпознатите се раскажувањата на Стале Попов, кој значително придонел за нивната популаризација и зачувување.
Црква „Св. Димитриј“ XIV век
На самиот влез во Градешница посетителите ги пречекува црквата „Св. Димитриј“, една од најстарите цркви во поширокиот битолски регион.
Црквата потекнува од XIV век и е изградена од камен и малтер, со карактеристичен камен иконостас кој го дели наосот од олтарниот простор. Нејзината архитектура и фрескоживопис ја прават значаен дел од културното наследство на селото.

Особено внимание привлекува олтарниот простор, кој е одделен со ѕидан иконостас – архитектонско решение кое претставува вистинска реткост.
Црквата е сведок и на бурната историја на Мариово. За време на Првата светска војна била погодена од артилериска граната, која, за среќа, не експлодирала. Благодарение на тоа, „Св. Димитриј“ останала една од ретките градби во селото што го преживеале военото разурнување.
Споменик „Победа – 100 години потоа“
Особено интересна за посета во село Градешница е скулптурата „Победа – 100 години потоа“, посветена на жртвите од Првата светска војна.

Споменикот е дело и донација на уметникот и скулптор Златко Бојковски, роден во Градешница. Изработен е по повод стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна.
Скулптурата тежи околу два тона и е составена од различни остатоци од војната – шрапнели, бомби, шлемови и други предмети пронајдени долж некогашната линија на Македонскиот фронт. Бојковски со години ги собирал овие остатоци, претворајќи ги од симболи на разурнување во уметничко дело посветено на животот.
Централниот мотив е коњ со подигната нога, кој симболично ја претставува победата на животот над смртта.
Споменикот е посветен на сите жртви на Првата светска војна – војници и цивили, без разлика на нивната вера или националност. Неговата поставеност во Мариово има особено значење, бидејќи токму овој регион бил директно погоден од воените дејствија на Македонскиот фронт.
Црква „Св. Никола“
Во самиот центар на селото се наоѓа црквата „Св. Никола“, најголемата од седумте цркви што се наоѓаат во Градешница.
Над влезот стои натпис според кој црквата била обновена во 1863 година, но не е познато кога точно била изградена и дали на истото место претходно постоел постар храм.

И оваа црква претрпела сериозни оштетувања за време на Првата светска војна. По завршувањето на воените дејствија била обновена во 1923 година, а неколку години подоцна, во 1927 година, бил обновен и нејзиниот фрескоживопис.
Фреските ги изработил Коста Николиќ, заедно со неговите синови Јаким и Теодосиј, по потекло од Лазарополе. Истата година храмот бил осветен од митрополитот Јосиф од Битола.
Манастир „Св. Илија“ – Брен
Во близина на Градешница се наоѓа манастирот „Св. Илија“ – Брен, кој има посебно место во духовниот и традиционалниот живот на Мариово.

Селото традиционално го одбележува празникот Св. Илија – Илинден, на 1 август, кога во манастирот се собираат жители и гости од Градешница и од другите мариовски села.
За време на празникот, тивкиот планински предел се претвора во место на средби, дружење и негување на старите мариовски обичаи.
Градешка Река
Она по што село Градешница е особено познато е чистата Градешка Река која тече долж селото.

Градешка Река извира на планината Козјак, на околу 1.600 метри надморска височина, а нејзиниот горен тек минува низ исклучително чиста и ненарушена природа.
Бистрата планинска вода и студените вирови се едно од најголемите задоволства за посетителите, особено во топлите летни месеци.

Во горниот дел од селото, во близина на таканаречениот „Темнички вир“, локалното население традиционално се разладува во реката. Ова е едно од омилените места за летен одмор покрај вода.
На влезот во селото, на околу 200 метри од мостот, се наоѓа уште еден популарен вир – „Долномаалски вир“.

За посетителите кои сакаат мир, природа и едноставно уживање без масовен туризам, овие места се одлична можност за краток одмор покрај вода.
Извор Раговец – место каде што водата ги спојувала луѓето
Покрај Градешка Река, се наоѓа Изворот Раговец –како посебно место во животот на селото. Со векови тука мештаните доаѓаат да наполнат свежа вода за своите домови, но во минатото Раговец бил многу повеќе од обично место за вода. Тоа било местото каде што се одело ако сакате да видите некого – или, можеби уште поважно, да ве видат. Особено рано наутро, дотерани и со стомните во раце, тука доаѓале девојките од Градешница. А речиси секогаш, некако случајно, во близина се наоѓале и момчињата кои добро знаеле кога треба да се појават. Така, околу изворот се раѓале средби, разговори и симпатии, а Раговец станал едно од оние места каде што секојдневието тивко се претворало во приказна.

Денес, покрај изворот е уреден простор за одмор на посетителите. Со свежата вода, шумот на Градешка Река и мирот на околната природа, Раговец е убаво место за краток одмор на посетителите.
Тврдината Пешта и приказната за Калеш Анѓа

На околу еден километар од влезот во селото се наоѓа историскиот локалитет „Пешта“, поврзан со една од најпознатите приказни од мариовската историја и народна традиција – приказната за Калеш Анѓа.
Калеш Анѓа во народното предание е претставена како мариовска девојка со исклучителна храброст, цврст карактер и симбол на непокорот, достоинството, љубовта кон најблиските и родниот крај.
Според преданието, нејзиното киднапирање и заробување од прилепскиот кадија бил директен повод за поширокиот отпор на населението, поврзан со Мариовската буна од 1564/65 година.
Недопрена природа, традиционални специјалитети и квалитетен Мариовски мед
Градешница е опкружена со простор во кој традиционалното сточарство и земјоделството со векови се приспособувале на специфичниот мариовски пејзаж.

Токму чистата природа и традиционалниот начин на производство се основата на препознатливите мариовски производи, меѓу кои особено се издвојуваат:
- Мариовското јагне
- Биеното сирење
- Мариовскиот мед
- традиционалните домашни специјалитети

- Огрански Мариовски мед – Сашо Богојовски +389 76 202 347
За посетителите, дегустацијата на локални производи е можност не само да пробаат автентична храна, туку и да запознаат дел од начинот на живот кој со генерации се пренесува во Мариово.
Добро Поле – местото каде е пробиен Македонскиот фронт
Добро Поле е едно од најзначајните историски места во Мариово и простор каде што во септември 1918 година бил извршен пробивот на Македонскиот фронт, настан што го означил почетокот на завршните операции на Балканот во Првата светска војна.
Денес, тивките планински предели на Добро Поле ги чуваат трагите од бурното минато – ровови, остатоци од воени позиции и други сведоштва за фронтот што минувал низ Мариово. Посетата на ова место претставува патување низ историјата, но и можност да се доживее суровиот и впечатлив планински пејзаж на Мариово.
Повеќе – џип екскурзии до Добро Поле и Кајмакчалан
Приватен воен музеј на Митко Нале
Околу 100 метри од центарот на селото, во Средно маало се наоѓа мал приватен музеј посветен на военото наследство. Митко Нале со години ги собира, чува и внимателно ги изложува предметите поврзани со Македонскиот фронт и Првата светска војна. Секој предмет во музејот носи дел од приказната за едно тешко и бурно време, кога овие простори биле место на големи воени судири.

Посетата на музејот не е само разгледување на стари предмети. Митко лично ги пречекува посетителите и, низ приказни и сведоштва поврзани со предметите што ги собирал со години, ја раскажува историјата на Македонскиот фронт и на луѓето кои во текот на Првата светска војна поминале низ овие предели.
Овој мал приватен музеј е вреден пример за личната посветеност кон зачувувањето на историското наследство. Благодарение на колекцијата и раскажувањето на Митко, посетителите можат на непосреден начин да се запознаат со еден значаен дел од историјата на Македонија и со траговите што Првата светска војна ги оставила во овој крај.
Само-водечки тури – истражете во свој ритам
Истражувајте го Мариово во свој ритам! Изберете една од само-водечките тури и откријте ги неговите живописни села, природни предели, цркви, манастири и историски локалитети, без брзање и според сопствен интерес. Турите на „Рурална авантура“ ви овозможуваат самостојно да го истражувате Мариово, следејќи ги препорачаните рути и приказни за местата низ кои поминувате.

Како до Градешница?
Градешница се наоѓа на 52 километри од Битола и до селото води асфалтиран регионален пат R1311, од Битола минувајќи низ селата Логоварди, Новаци, Маково, Рапеш и Старавина.
- Локација на село Градешница (надворешна врска Google Maps)
Сместување во село Градешница?
Градешница не е место што се посетува само заради една знаменитост. Нејзината привлечност е токму во спојот на природата, историјата, легендите и традицијата.
Овде можете да прошетате покрај чиста планинска река, да застанете пред средновековна црква, да ги слушнете приказните за Калеш Анѓа и Мариовската буна, да го видите споменикот изработен од остатоци од Првата светска војна и да пробате традиционални мариовски производи.
А над сето тоа стои тишината на Мариово – простор каде времето како да се движи побавно.
Градешница е место за откривање, а не само за посета.
Моментално во село Градешница постојат две селски домаќинства кои нудат престој за посетители:

Етно куќа „Тео-Дор“ село Градешница
- Телефон: +389 78 328 980
- E-mail: todorgulevski@gmail.com
- Повеќе информации

Вила во село Градешница
- Телефон: +389 76 972 429
- Повеќе информации
Прочитајте повеќе:
- Веб страна за Мариово
- Село Градешница – фото галерија
- Мариово – Рурална авантура – еднодневна џип екскурзија низ Битолско Мариово
- Македонски фронт – Прва светска војна – еднодневна екскурзија низ Мариово
- Почувствувајте ја природата – еднодневни џип екскурзии до Бела Река Мариово
- Добро Поле – Мариово – местото каде е пробиен Македонскиот фронт





