Кајмакчалан е највисокиот врв на Ниџе планина и со надморска височина од околу 2.521 метар претставува една од највпечатливите планински точки во овој дел на Балканот. Врвот се наоѓа на самата граница меѓу Македонија и Грција и е место каде што природата, планинарството и историјата се испреплетуваат на необичен начин.
Од врвот се отвораат широки панорами кон Мариово на македонската страна, како и кон Островското (Вегоритида) и Петерското Езеро во Грција. Во поширокото подножје се наоѓаат селата Скочивир од македонска страна и Чеган од грчка страна, а на падините на планината се наоѓа и познатиот ски-центар Ворас – Кајмакчалан.
Содржина
- За топонимот Кајмакчалан
- Битката на Кајмакчалан
- Крвавата цена на битката
- Капелата и костурницата на Кајмакчалан
- Рудолф Арчибалд Рајс
- Ски-центарот Ворас – Кајмакчалан во Грција
- Кајмакчалан денес
- Зошто да го посетите Кајмакчалан
- Фото галерија
За топонимот Кајмакчалан
Името Кајмакчалан е од турско потекло и најчесто се поврзува со зборовите кајмак и чалан. Во популарните преданија и локалните приказни постојат различни објаснувања за потеклото на името.

Едно од преданијата раскажува за арамијата по име Кајмак, кој со својата дружина на врвот донел и закопал злато собрано од разни пљачкосувања. Според приказната, неговиот водач го убил Кајмак и го оставил неговото тело на местото на скриеното богатство, за тој да стане негов „вечен чувар“.
Битката на Кајмакчалан
Името на Кајмакчалан е нераскинливо поврзано со Првата светска војна. На неговите стрмни и сурови падини во септември 1916 година се водела една од најжестоките битки на Македонскиот фронт – битката за Кајмакчалан.

Борбите меѓу српските и бугарските сили траеле од 12 до 30 септември 1916 година. По реорганизацијата на српската војска на Крф и Бизерта, српските единици биле испратени на Македонскиот (Солунскиот) фронт. Освојувањето на масивот Кајмакчалан било важно за понатамошното напредување на сојузничките сили кон долината на Црна Река и Битола.
Бугарските сили на врвот изградиле силно утврдени позиции. Во бугарската воена традиција врвот бил познат како „Борисов град“, додека во српската традиција подоцна се прославил како „Капија на слободата“.
На 25 септември српските единици успеале да го освојат врвот, но следеле силни бугарски контранапади. Особено жестоки биле борбите во ноќта меѓу 26 и 27 септември, кога дошло и до борби од непосредна близина и со бајонети.

Конечно, на 30 септември 1916 година, по нов напад и силна артилериска подготовка, српските сили повторно го освоиле Кајмакчалан и успеале да го задржат. Во борбите учествувале единици од Дринската и Дунавската дивизија, како и Доброволниот одред на војводата Вук.
- Прочитајте повеќе:
- Кота 1050 – локација од Првата светска војна на Македонскиот фронт
- Кале Тепе (Голема Круна) и „Ѓаволско око“, Дојран | Бојно поле од Првата светска војна
- Битката на Добро Поле – 15.09.1918/2018 – 100 години од пробојот на Македонскиот фронт
- 10 најстари цркви во Македонија | фрески, камен и вековна историја
Крвавата цена на битката
Битката била исклучително тешка за двете страни. Постојат различни податоци за бројот на жртвите, зависно од изворот и начинот на кој се пресметуваат загинатите, ранетите и исчезнатите.

Според бугарски воени извори, бугарските сили имале 1.927 загинати и 6.067 ранети. Главниот товар на одбраната го понел 11. пешадиски Сливенски полк. Според податоците на Министерството за одбрана на Србија, српската војска во борбите за Кајмакчалан имала околу 4.800 загинати и околу 2.000 исчезнати. Само Дринската дивизија, која го понела главниот товар на нападите, загубила 3.804 луѓе.
Заземањето на Кајмакчалан имало важно оперативно значење за понатамошното напредување на сојузничките сили кон долината на Црна Река и Битола. По низа последователни борби, на 19 ноември 1916 година српските и француските сили влегле во Битола, со што освојувањето на Кајмакчалан станало дел од пошироката сојузничка офанзива на Македонскиот фронт.
Капелата и костурницата на Кајмакчалан
Според некои извори, веднаш по завршувањето на борбите, со оглед на големиот број на жртви од двете страни, на самиот врв започнала изградба на некој вид на спомен обележје.

Не се знае точно кога е започно со градба на денешната капела, т.е храмот кој според некои автори е посветен на Св. Петар и Павле, но се знае дека заедно со костурницата, камбанаријата и придружните објекти биле завршени во 1928 година, по повод одбележувањето на 10 годишнината од завршувањето на Првата светска војна. По тој повод бил пуштен во употреба и патот кој водел од Битола до Кајмакчалан, наменет за бројната делегација која ја посетила локацијата.

Рудолф Арчибалд Рајс
Рудолф Арчибалд Рајс (8 Јули 1875 – 7 Август 1929 г) по потекло бил Германец кој живеел и работел во Швајцарија и во тоа време бил познат криминолог, форензичар, професор, писател и дописник за весници во многу земји, известувајќи за случувањата директно од фронтот.
На покана на Српската влада, тој пристигнува во Србија во 1914 година со цел да ги испита злосторствата врз цивилното население направени од страна на војските на Централните сили.
Останал во Србија до крајот на својот живот.
Последен пат го посетил Кајмакчалан на 15 септември 1928 год., по повод 10 годишнината од пробојот на Добро Поле.

Починал на 7 август 1929 во Белград во својата вила „Добро Поле“. Бил погребан на гробиштата Топчидер, а на негова желба неговото срце било извадено и во стаклен сад било сместено во урна во капелата на Кајмакчалан, каде би почивало заедно со големиот број на војници кои загинале на ова место. Денес срцето е изчезнато но сеуште може да се види урната во коja било сместено.
Ски-центарот Ворас – Кајмакчалан во Грција
На грчката страна од планината денес се наоѓа еден од најпознатите зимски туристички центри во регионот – ски-центарот Ворас, познат и како Кајмакчалан.
Ски-центарот е изграден на падините на планината Ниџе (Ворас), чиј највисок врв е токму Кајмакчалан. Се протега на височина од приближно 2.050 до 2.480 метри, а највисоката жичница достигнува 2.480 метри – што го прави највисокиот лифт во Грција. Според официјалната туристичка организација на Грција, центарот располага со 6 лифтови и 13 патеки со вкупна должина од околу 15 километри.

Патеките се со различна тежина и се погодни и за рекреативци и за поискусни скијачи. Центарот располага со ски-школи, изнајмување опрема, ресторан, кафуле и други содржини за посетителите. Во непосредна близина се наоѓа и традиционалното планинско село Чеган (Грчки: Agios Athanasios, Άγιος Αθανάσιος), познато по камените куќи и сместувачките капацитети.

Особено интересна е комбинацијата на зимски спортови и историја. Од скијачките патеки се пристигнува до високите делови на планината, а во поширокото подрачје се наоѓаат и меморијалните локалитети поврзани со битките од Првата светска војна.
Од областа на Ворас може да се посетат и други атракции во регионот, меѓу кои езерото Вегоритида, Воден, археолошкиот локалитет Пела и термалните извори Пожар.
За посетителите од Македонија, Ворас е особено интересен бидејќи овозможува едно поинакво доживување на Кајмакчалан – планината може да се посети и како историски локалитет и како зимска туристичка дестинација.
Кајмакчалан денес
Денес Кајмакчалан привлекува различни категории посетители. Во зимските месеци планината е особено популарна кај љубителите на скијањето и зимските спортови кои го посетуваат ски-центарот Ворас. Во потоплите месеци, пак, врвот го посетуваат планинари, љубители на природата, фотографи и туристи заинтересирани за историјата на Првата светска војна.
Од македонска страна, пристапот до самиот врв е планински и условите можат значително да се променат зависно од сезоната. Во зима снегот, ветерот, маглата и ниските температури можат да создадат сериозни услови, па посетата треба внимателно да се испланира.
За организирана посета, особено во зимски услови, теренско возило 4×4 со искусен возач е практична опција. Нашето здружение располага со искусни возачи и современи теренски возила со кои посетата на Кајмакчалан може да се претвори во целодневна планинска и историска авантура.
Повеќе: Кајмакчалан џип сафари >>>
Зошто да го посетите Кајмакчалан
Кајмакчалан не е само уште еден висок планински врв. Тој е место каде што природата, планинарството, зимските спортови и историјата се среќаваат на едно мало, но исклучително впечатливо подрачје.
Од една страна се широките планински пејзажи, езерата и снегот на Ниџе и Ворас; од друга – остатоците од рововите, меморијалите и приказните за илјадниците војници кои тука ги изгубиле животите во текот на Големата војна.
Токму оваа комбинација го прави Кајмакчалан посебна дестинација – место кое не се посетува само за да се стигне до еден врв, туку за да се почувствува планината, просторот и историјата што останала запишана во неа.



















































