Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница – Мариово

Св. Димитрие е црква во село Градешница, Општина Новаци (регион Мариово) која според некои извори потекнува од XIV век. Сместена на влезот од селото, покрај Градешка река, оваа црква е надалеку позната по ѕидната олтарна преграда — иконостасот, кој претставува вистинска реткост.

Еден од пообемните трудови за оваа црква е напишан од Оливера Макриевска од
НУ Завод и музеј Битола во 2014 година. Трудот во продолжение е пренесен во целост.

Back
Next

Дел 2

Во олтарниот простор во првата зона на источниот ѕид прикажана е компоэицијата Поклонување на светите отци – архиереји на Агнецот, чија локација е детерминирана со црковните канони и начинот на кој треба да се претставени во олтарот. Централно претставен е малиот Исус на чесна трпеза полулегнат, а со десната рака благословува. Зад него има насликана архитектура (црква и други објекти), од левата и десната страна поставени се по еден Ангел, во бели ѓаконски облеки и во рацете држат по една рипида која на врвот завршува со осумкрака ѕвезда. Осумкраката ѕвезда во христијанството ги симболизира осумтте еони на Христовата слава. Од десната страна претставен е свети Василие, со бел полиставрион со црни крстови, а врз омофорот насликани се темноцрвени крстови. Од левата страна свети Јован Златоуст и свети Атанасие Александриски со исто осликани полиставриони, само омофорот на Атанасие Александриски е насликан со црни крстови. Свитоците што ги држат архиереите испишани се на црковнословенски јазик. Оваа композиција е единствена и ретка заради прусуството на Ангелите Господови со осумкраките ѕвезди и архитектонските детали, што претставува реткост во приказот на оваа композиција. Ваква слична претстава среќаваме во олтарниот простор на црквата Богородица Пречиста во село Граешница битолско, датирана во почетокот на XV век.

Поклонување на Агнецот- апсида на источниот ѕид - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Поклонување на Агнецот- апсида на источниот ѕид

Во црквата Свети Димитрие констатирани се црковнословенски натписи кај композицијата Поклонение на Агнецот, додека кај други композиции – во олтарот, наосот на црквата среќаваме натписи на грчки јазик кои се прифатени како епитети и карактеристични грчки именувања усвоени во христијанската екумена, како примерот со Христос Емануил во претставата на Богородица Знамение. Понатаму, во првата зона во нишата на протезисот насликан е свети Стефан Првомаченик во бела одежда.

Над оваа композиција во полукалотата на апсидата насликана е допојасната фронтална претстава на Богородица со темноцрвен мафорион на чии гради во круг во форма на клипеус насликан е Христос Емануил со црвен хитон и жолт окер химатион. Над рамењата на Богородица во висина на главата, насликани се со интензивна црвена боја кружни медаљони обрабени со лента во жолт окер. Во внатрешноста на медаљоните испишани се со бела боја сигнатурите што значат Мајка Божја.

Иконографскиот тип на Богородица Знамение е варијанта на Ширшаја со молитвено издигнати раце. Оваа претстава е работена према текстот на пророкот Исаија, според кој Богородица се претставува како отелотворение на црквата ¬–Eclesiae Mater. Овој иконографски тип на Богородица е значаен тематско –хронолошки показател бидејки во пошироката сфера на византиската уметност е присутен во постарата уметност. Во Македонија и пошироко овој иконографски тип во XIII век започнува да се заменува со друг иконографски тип наречен Оранта. Над претставата на Богородица Знамение се среќаваме со уште два значајни моменти во иконографската програма на авторот на живописот во олтарниот простор. Веднаш над конхата насликан е Христовиот лик на бел убрус.

Иконографскиот тип е Неракотворен образ, кој уште се нарекува византиски тип, и салватор тип. Овој тип води потекло уште од почетоците на црковните христолошки расправии за прикажувањето на правиот Христов лик, при што црквата прифатила два типа.

Еден од нив е таканаречениот Неракотворен образ, односно дека ликот не е насликан од човечка рака, туку е директен отисок на Христовиот лик. Приказната потекнува од IV век по Евсевие, кога разболениот кнез Авгар побарал помош од Спасителот. Обидувајки се да му помогне бидејки бил спречен лично да дојде, му го испратил својот отисок од лицето на платно. Кнезот Авгар кога го допрел овој лик, веднаш оздравел. После ова, овој убрус како драгоцена светиња бил пренесен под името Манделион во Цариград. Кај иконографскиот тип на ликот (отисокот) на Христос во црквата Свети Димитрие претставен е со смирена хиератичност, величенствен без трновиот венец и е во согласност со византискиот иконографски тип. Над оваа претстава се наоѓа мошне ретка иконографска претстава на Отецот Бог. За осликувањето на овој тип обично се користела предлошката на Христовиот лик, но како и кај нашиот лик косата и брадата се насликани со белузлава боја за да се прикажи страосната дистанца на Таткото Бог и Синот Божји. Сфаќањето на Отецот Бог кај претствата во олтарниот простор на црквата Свети Димитрие е во согласност со визијата од типот“ Vethi denmi“ или Старецот на деновите кој се опишува кај пророкот Данаил, глава 7, 9. Тој го опишува како старец кој седи, облеката му е бела како снег, а косата како волна, а престолот како пламен огнен. Претставата во црквата Свети Димитрие е приближна во сликовниот запис. Отецот Бог е претставен како благословува со двете раце, облеката е насликана со бела боја, драпирањата се изведени со лазурна кафеавооцрвенкаста и лазурна светлозелена боја. Косата и брадата се осликани со бела, а за потенцирање на прамените употребена е светло кафеава и жолт окер. Ореолот е насликан со жолт окер и во внатрешноста насликани се три (два странично и една над темето) розети со осум ливчиња. Обично на површината во внатрешноста на ореолот се слика осмокрака ѕвезда, но кај оваа претстава имаме отстапување заради осликувањето на три розети што личат на ѕвезди со осум ливчиња кои треба да ги претставуваат осумте краци на ѕвездата. Осумте краци ги означуваат осумте еони на идната слава. Старецот на деновите е претставен како да лебдее во двојна елиптична мандорла осликана со бела боја, која ја претставува божествената светлина. Мандорлата е носена од два серафими, претставници на највисокиот небесен хиерархиски ред на ангели. Серафимите се осликани со жолт окер, а со кафеава насликани се крилјата и дефинирани се ликовите.

Олтарен простор - претставата Богородица Знамение во полукалотата на апсидата - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Олтарен простор – претставата Богородица Знамение во полукалотата на апсидата
Олтарен простор со претставите Старецот на деновите (горен дел) и Неракотворен образ (долен дел) - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Олтарен простор со претставите Старецот на деновите (горен дел) и Неракотворен образ (долен дел)

Фрескоживописот во наосот на црквата кој веројатно датира од ист период како фрескоживописот на ѕиданиот иконастас е во многу лоша состојба. Зачуваните живописани површини краткорочно се заштитени со опшивки кои ќе го спречат нивното отпаѓање. Многу од употребените пигменти за осликувањето се деградирани, променети и заради тоа нивната идентификација не е високопроцентно оценета. Сцените се врамени со насликани црвени ленти обрабени со бели линии, заднината со сивосин тон, а сигнатурите се испишани со бела боја на византиски јазик.

Кај западниот ѕид над влезната врата зачуван е минимален фрагмент со натпис каде веројатно била испишана годината на живописување, како и податоци за ктиторот и авторот. На западниот ѕид во првата зона кон југ насликани се две светителки во цел раст од кои едната е света Параскева – Петка, а другата светителка не може да се идентификува, но ќе ги наведеме како можни фигурите на света Теодора, Марина или света Недела. Во продолжение кон север, во првата зона во цел раст претставен е светиот воин Прокопие. Света Петка носи наметка со кафеаво црвена боја, а сенките се изведени со темна кармин црвена измешана со црна, а во десната рака цврсто го држи крстот. За осликувањето на воинот употребена е жолт окер за панцирот, светло сива за туниката и кармин црвена за наметката.

На северниот ѕид во првата зона во продолжение на светиот воин Прокопие насликани се другите свети воини, свети Димитрие и свети Ѓорѓи. Облечени се во војничка панцирна облека со нивните атрибути во десната рака. Свети Димитрие со меч, свети Ѓорѓи со копје и штит. За нивното осликување употребени се тонови на жолт окер за панцирите, светло сиви за туниките, а за наметките кармин црвена. Нимбусите се осликани со интензивен жолт окер потенциран со тенка бела линија. Во продолжение на првата зона на северниот ѕид претставени се светите Врачи Кузман и Дамјан во цел раст. Свети Кузман со десната рака благословува, а во левата рака држи веројатно исцелителска кутија, а облеката е изведена со кафеави тонови. Свети Дамјан во десната рака држи исцелителски инструмент, а во левата исцелителска кутија, додека долната облека е изведена со светло кафеав тон, а химатионот е насликан со светлоцрвена боја. На крај е претставена фигурата во цел раст на Свети Никола кој со десната рака благословува, а во левата држи отворено Евангелие. Свети Никола е насликан во бел полиставрион украсен со црвени крстови, а омофорот е со црни крстови. Генерално гледано за осликувањето авторот користел претежно топли бои наспроти заднината која е осликана со сивосина боја, а на некои места е зелена. Нимбусите на светителите се со интензивен жолт окер, а сигнатурите со бела боја.

Дел од фрескоживописот на северниот ѕид од наосот, лево светиот воин Димитрие, десно светиот воин Ѓорѓи - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Дел од фрескоживописот на северниот ѕид од наосот, лево светиот воин Димитрие, десно светиот воин Ѓорѓи
Светите Бесребреници Кузман и Дамјан на северниот ѕид од наосот - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Светите Бесребреници Кузман и Дамјан на северниот ѕид од наосот
Претстава на света Петка на западниот ѕид од наосот
Претстава на света Петка на западниот ѕид од наосот

Над влезната врата на западниот ѕид во наосот – втора зона насликана е сцената Успение на Богородица. Богородица лежи на посмртниот одар насликан со црвена боја и обиколка од бела драперија, а пред него поставени се два свеќници. Свечениот чин на Богородичиното Успение е прикажано со помал број на свети архиери и апостоли заради ограниченоста на просторот. Доминираат боите на кармин црвена, белата и окер жолтите тонови, додека полиставрионите на архиереите насликани се со црвени крстови. На север и на југ, сцената е фланкирана со фигури на неидентификувани светители во цел раст со облека насликана во тонови на жолт окер. Вертикално во продолжение, во третата зона прикажани се подпојасните претстави на свети маченици. На северниот ѕид од наосот во втората зона кај плитката ниша кон запад е претставата на Евангелистот Марко, а кај нишата кон исток Евангелистот Матеј. Од внатрешната страна на лакот кон запад преставени се свети Јован Крстител и пророкот Соломон, додека кај лакот кон исток нема сочуван фрескоживопис.

Композицијата Успение на Пресвета Богородица во втората зона на западниот ѕид од наосот - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Композицијата Успение на Пресвета Богородица во втората зона на западниот ѕид од наосот
Композицијата Успение на Пресвета Богородица во втората зона на западниот ѕид од наосот - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Композицијата Успение на Пресвета Богородица во втората зона на западниот ѕид од наосот

На јужниот ѕид од наосот во првата зона почнувајки од исток кон запад насликана е фигурата во цел раст на Архангел Михаил со меч во десната рака. За жал овде живописот е делумно сочуван. Сочуваниот фрескоживопис се одликува со прекрасно ускладен колорит од зелена, црвена, сива и кафеава, како и прецизна обработка на деталите од облеката и крилјата на архангелот. Во продолжение е претставата на светител кој неможеме да го идентификуваме заради фрагментарните остатоци.

Архангел Михаил кај јужниот ѕид од наосот, прва зона
Архангел Михаил кај јужниот ѕид од наосот, прва зона
Свети Никола северниот ѕид од наосот, прва зона
Свети Никола северниот ѕид од наосот, прва зона
Back
Next