Црква Свети Ѓорѓи
Црквата Свети Ѓорѓи во село Старо Нагоричане била подигната врз остатоците на постар храм, кој според едно предание го изградил византискиот цар Роман IV Диоген (1067— 1071).
Од врежаниот натпис над западната влезна врата на црквата може да се види дека денешната црква е обновена од страна на српскиот крал Стефан II Милутин во 1313 година.
Манастирска слава – 6 мај – Ѓурѓовден
Црквата Св. Ѓорѓи е трикорабна, петкуполна градба во форма на впишан крст со издолжен травеј кон источниот и западниот дел.
Живописот на црквата е изработен во 1317/18 година, и истиот до денес е зачуван во добра состојба.
Имињата на зографите, Евтихие и Михаило стојат на југо-западниот столб и на северниот ѕид, во средината на црквата, а воедно тие се автори на живописот на охридската црква Св. Богородица Перивлептос (Св. Климент) и манастирот Св. Никита во Скопска Црна Гора.
Особена реткост претставува иконостасот изработен од камени столбови, орнаментиран архитрав и парапетни плочи. Лево и десно од царските двери, се насликани Св. Ѓорѓи, патронот на црквата и Богородица Пелагонитиса.
Интересно: Во југозападниот ѕид од манастирската црква после битката кај Велбужд, по налог на крал Милутин, погребан е бугарскиот цар Михајло III Шишман (1322—1330).