Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница – Мариово

sv dimitrij gradesnica

Св. Димитрие е црква во село Градешница, Општина Новаци (регион Мариово) која според некои извори потекнува од XIV век. Сместена на влезот од селото, покрај Градешка река, оваа црква е надалеку позната по ѕидната олтарна преграда — иконостасот, кој претставува вистинска реткост.

Еден од пообемните трудови за оваа црква е напишан од Оливера Макриевска од
НУ Завод и музеј Битола во 2014 година. Трудот во продолжение е пренесен во целост.

Back
Next

Село Градешница

Gradesnica village in Mariovo
Поглед кон село Градешница

Црквата Свeти Димитрие, за која некои автори сметаат дека потекнува од XIV век или од XV век е најстара црква во Општина Новаци. Храмот посветен на свети Димитрие, за жал многу малку е истражуван досега иако е издадено решение со статус на споменично, недвижно, културно добро во 1992 година.

Во минатото екипата на Републички завод за заштита на спомениците на културата има извршено евиденција на спомениците на културата во мариовскиот крај, кога е евидентиран и овој споменик на културта, но со основни податоци.

Во тек на 2000-та година НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола има преземено одредени превентивни мерки што се однесуваат на архитектурата и фрескоживописот. Фрескописот на црквата некои автори го датираат од крајот на XIV и почетокот на XV век, но истражувањата на други автори дел од фрескоживописот и ѕиданиот иконостас го датираат во почетокот на 16 век. Сепак нема да погрешиме доколку за црквата Свети Димитрие ја потврдиме датацијата од XIV и XV век.

Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница – Мариово

Црквата Свети Димитрие се наоѓа на влезот во селото, покрај патот што води до селото. Црквата е од типот на еднобродна градба со правоаголна основа, со влез на западната страна и апсида на источната страна. Градена е од делкан и полуделкан камен кој е употребен и за полукружниот свод. На влезот од западната страна во вдлабена ниша насликан е свети Димитрие, патронот на црквата. Фрескописот овде не е целосно сочуван. Во внатрешноста црквата била фрескоживописана врз подлога од варов малтер, скоро на целата површина (на источниот, западниот, северниот, јужниот ѕид, на сводот и на ѕиданиот иконостас. Денес не се целосно зачувани фрескоживописаните површини, заради оштетувањата кои настанале врз градбата на црквата со тек на времето.

Црква Свети Димитрие во село Градешница

Мошне впечатлив е масивниот камен иконостас што го дели наосот од олтарниот простор. Во продолжение кај наосот поставени се мермерни столбови, по еден на северната и јужната страна во наосот. Преку столбовите и иконостасот изѕидани се по три слепи лаци, над кои се издигнува камениот свод.

Изглед на наосот на црквата кон исток - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Изглед на наосот на црквата кон исток – Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница – Мариово
Изглед на црквата кон запад - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Изглед на црквата кон запад

За фрескоживописот во наосот на црквата и на иконостасот некои автори соопштуваат дека евидентно се разликуваат од фрескоживописот во олтарната апсида и ѕиданиот иконостас го датираат во XVI век. Но, нашите констатации за кои постојат одредени показатели, сликарството временски го поместуваме уште поназад, односно во периодот кон крајот на XIII век. Можеби идните конзерваторско реставраторски истражувања со примена на други научни дисциплини ќе ни овозможат потврда за нашите претпоставки.

Фрескоживописот во црквата Свети Димитрие

Заради непрегледноста од различна природа на фрескописот бевме оневозможени да дадеме подетални информации, за целосната иконографска програма. Според досегашните согледувања нашите размислувања одат во две насоки : дека фрескоживописот е од два различни временски периоди, каде фрескоживописот со постаро потекло е дело на особено вешт и надарен зограф, но поверојатна е претпоставката дека фрескоживописот е дело на локална монашка енклава. Во периодот на фрескописувањето работеле покрај главниот мајстор и помошници, при што помошниците работеле во горните партии, а главниот мајстор кај првите зони во наосот, олтарниот простор и на иконостасот. Забележани се и одредени преправки од типот на ретуширање од поново време, можеби и преправки од постар период. Како би ги потврдиле овие претпоставки потребно е да се направат дополнителни истражувања потпомогнати со други научни дисциплини.

Посебно место во црквата зазема иконостасот. Иконостасот на црквата спаѓа во типот на изѕидани кои најрано се појавуваат во XIII век на териториите под византиска доминација. На територијата на Р. Македонија цркви со ѕидани иконостаси има неколку, а се појавуваат во XIV, XVI и XVII век, како црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричино, црквата Свети Никола во Шопско Рударе, црквата Свети Атанасие во с. Слоештица демирхисарско.

Изглед на ѕиданиот иконостас - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Изглед на ѕиданиот иконостас

Иконостасот во црквата изѕидан е од полуделкан камен, споен со малтер и го преградува олтарниот простор по целата широчина на наосот. Централно поставен е влезот во олтарниот простор. Истиот во горниот дел лачно е засведен. Од северната страна постои влез што води кон протезисот, кој исто така во горниот дел лачно е засведен. Наместо насликани икони на дрво, иконостасот е украсен со фреско икони.

Во долниот дел, односно цоклето насликана е драперија во посветли и потемни тонови на жолт окер, украсена со вегетабилен мотив насликан со црвена и црна боја. Завршетокот на драперијата насликан е со широка црвена трака. Над насликаната драперија на јужната страна на иконостасот насликана е допојасна претстава на Исус Христос Спасител, кој со десната рака благословува, а во левата држи отворено Евангелие. Исус Христос насликан е во темноцрвен хитон и белузлав химатион. До него е насликана допојасната претставата на светиот воин Димитрие. Свети Димитрие насликан е во војничка облека, во десната рака држи меч, а во левата краток нож. Главата на свети Димитрие украсена е со свечена дијадема украсена со скапоцени камења – бисери. Од левата страна на воинот насликан е штит со кружна форма. Штитот е насликан во виолетово црвени тонови, а декориран е со вегетабилни орнаменти и еден антропомотфен детал. Облеката, односно наметката е насликана со зеленомаслинеста боја, а за туниката употребена е црвена, додека панцирот насликан е со сивкаст тон.

Кон северната страна од централниот влез во олтарниот простор во ниша насликана е највпечатливата претстава на Богородица од типот Елеуса или Богородица Милостива. Богородица го држи малиот Исус во своите прегратки, милувајки го со својот образ. Насликана е мошне емотивно изразувајки ги човековите особини. Богородица е насликана во раскошен мафорион во темен кармин обрабен со жолто црвенкаст тон на окер, додека малиот Исус насликан е во краток хитон во тонови на жолт окер.

На крајната северна страна до влезот на протезисот насликана е допојасната претстава на свети Никола во бел полиставрион украсен со црни крстови и омофор со насликани црвени крстови. Светителот држи затворено Евангелие во левата рака, кое е насликано со црвен окер и украсено со бисери, а со десната рака, која е фрагментарно сочувана благословува. Претставените светители распоредени на местото од престолните икони сместени се во обрабени рамки во вид на лента со ширина од 4см. од двете страни потенцирана со тенка бела линија.

Претставата на свети Никола сместена е во правоаголна насликана рамка, а останатите се во форма на арки во горниот дел или со изглед на полукружни ниши, со исклучок на претставата Богородица Елеуса која иако е насликана во изведена ниша, истата дополнително е потенцирана со црвена бордура во вид на трака. Оваа претстава е потенцирана со уште еден вид декорација со цик –цак насликани ленти кои ја пратат формата на нишата. Во лунетата над претставата на Богородица испишан е криптограмски текст. Фонот кај насликаните претстави е со светла сивосина боја, додека кај Богородица во горниот дел е светла сивосина боја, а во долниот зелена со среден тоналитет. Нимбусите на светителите насликни се со жолт окер и потенцирани со тенки бели линии. Ликовите се насликани слоевито со жолт окер во градирани тонови, зелени сенки и белузлави акценти. Сигнатурите се испишани со бела боја на византиски јазик.

На архитравот кој се протега по целата должина на иконостасот во правоаголно поле ограничено со црвени ленти (горе и долу) насликани се допојасните претстави на дванаесете апостоли. Над главите на апостолите одделен со бордура постои натпис кој се протега по целта должина на иконостасот. Централно насликани се апостолите Петар и Павле. Зад Петар насликани се апостолите Лука, Марко, Андреа, Вартломеј и Јаков, додека зад Павле насликани се Матеј, Јован, Тома, Симон и Филип. Од страната на Петар, апостолите држат Евангелија, а од страната на апостол Павле држат затворени свитоци.

Детали од ѕиданиот иконостас - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Детали од ѕиданиот иконостас
Богородица Елеуса - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Богородица Елеуса
Свети Димитрие - Св. Димитрие -црква од XIV век во село Градешница - Мариово
Свети Димитрие
Back
Next