Полошки манастир св. Ѓорѓи
Полошкиот манастир св. Ѓорѓи е сместен на падините на планината Вишешница, веднаш до вештачкото езеро Тиквеш, на границата помеѓу областите Тиквеш и Мариово. Манастирот го добил името по близината до селото Полог, кое со создавањето Тиквешко езеро (1964 – 1968) престанало да постои.
Манастирската црква „св. Ѓорѓи“ е единствен објект во Македонија наменет како црква-мавзолеј, во која бил погребан Јован Драгушин на однапред одбрано место за таа цел. Црквата е изградена во првата половина на XIV век, поточно пред 1340 година од страна на неговата мајка деспотиса Марија.
Непосредно по изградбата на црквата, биле повикани и ангажирани врвни зографи кои ја живописале сета внатрешност на црквата во периодот од 1343 и крајот на 1345 година. Внатрешноста на црквата е целосно живописана со сцени и композиции од животот на Господ Исус Христос, со светители претставени во цел раст и допојасно, со композиции од Големите празници, со големо чувство за прилагодување кон архитектурата и со иконографска програма што е вообичаена за малите византиски цркви, истакнувајќи го гробниот карактер на храмот.
Манастирот е активен и неодамна е започнато обновување на конаците.
Манастирска слава
Посетеноста на манастирот е најголема за време на празниците Ѓурѓовден (6ти мај) и при празнувањето на манастирскиот празник посветен на Успение на Пресвета Богородица (28ми август).
Како до манастирот
До манастирот се доаѓа единствено по воден пат по Тиквешко езеро. Во близина на селото Ресава, на самиот брег на езерото, има приватни бротчиња кои нудат превоз до Манастирот. Патувањето трае околу час и половина во правец.
Фото Галерија – дел 1 – Тиквешко езеро
Дата: 04.05.2019 година