Кота 1050 – локација од Првата светска војна на Македонскиот фронт

Издигнувајќи се на 1.050 метри надморска височина, Кота 1050, во близина на селата Арматуш и Маково, Општина Новаци, е една од поважните точки на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.

Денес, планината е тивка. Вегетацијата и голите карпи ги замениле војниците, рововите и артилеријата што некогаш го покривале гребенот, но траги од боиштето сè уште можат да се најдат во пејзажот: остатоци од ровови, засолништа, утврдени позиции и контурите на одбранбените линии кои некогаш се наоѓале на растојание од само десетици метри.

Содржина:

За Кота 1050

Позната кај германските трупи како „Armatus-Höhe“, именувана според блиското село Арматуш, во современите извори Кота 1050 е добро позната локација која според некои извори била клучна и за опстојувањето на самиот фронт.

Hill 1050 (Armatus-Höhe

Од оваа точка, бугарско-германските позиции доминираа над сојузничките линии. Заедно со блиските позиции познати како “Piton Rocheux” и “Piton Brûlé”, Kота 1050 била дел од одбранбен систем во кој позициите меѓусебно се поддржувале. Нападот врз една позиција, ги изложувал сојузничките војски на митралески и артилериски оган од другите позиции.

Надмоќта што високите позиции им ја овозможувале на војските на Централните сили значела дека на позициите на Антантата, дури и ранетите војници не секогаш можеле да бидат евакуирани пред да падне ноќта.

Затоа, боиштето не било само место на борба. Тоа било место на долго чекање, издржливост, глад, исцрпеност и страв.

Сојузничката офанзива во 1916 година и Битката на Завојот на Црна Река

Напредување на силите на Антантата, кое ја поместило фронтовата линија околу Битола, започнало со Грничевската офанзива во август 1916 година. (Горничево – денес Кели | Κέλλη, Грција). Борбите продолжиле, и резултирале со освојувањето на Кајмакчалан во крајот на месец септември 1916 година. Од височините на Кајмакчалан, српската армија продолжила да напредува кон Битола и Црна Река, каде што продолжиле жестоките борби.

Frontline positions during the Spring offensive in 1916

Напредување на фронтовата линија за време на офанзивата во 1916 година (Извор…)

На 19 ноември 1916 година, сојузничките сили ја освојуваат Битола, по што силите на Централните сили се повлекле кон околните планини и воспоставиле нова одбранбена линија северно од градот. Таа се протегала од Пелистер, преку котите 1248 и 1050, кон селата Маково и Рапеш.

Кота 1050 била една од потешките позиции со кои се соочиле сојузничките сили. Српските војници успеале да стигнат до гребенот, но биле потиснати од бугарско-германски контранапад. Во периодот што следел, височината била дополнително утврдена и прераснала во едно од клучните упоришта на новата фронтовска линија. Кога италијанските сили подоцна го презеле овој сектор, тие се соочиле со веќе силно утврдено боиште, обликувано од жестоките борби од 1916 година.

Battles for Hill 1050 19,20 November 1916

Приказ на дејствијата околу Кота 1050 н 19,20.11.1916 (Извор…)

Настаните од крајот на 1916 година го обликувале боиштето чии што остатоци посетителите можат да ги видат денес. Рововите и утврдувањата околу Кота 1050 не биле изолирани позиции, туку дел од континуиран одбранбен систем создаден по падот на Битола. Од високите позиции, бугарско-германските сили можеле да ги контролираат приодите и рамнината под нив, додека сојузничките позиции се наоѓале на пониските падини.

До крајот на офанзивата во 1916 година, силите на Антантата биле распоредени во сложена и сè повеќе измешана поставеност долж фронтот. Српската армија, која по напредувањето кон Битола држела голем дел од фронтовската линија на овој сектор, била во исклучително лоша состојба поради повеќемесечните борби, големите загуби и ограничените ресурси.

Поради тоа, кон крајот на декември 1916 година започнала реорганизација на фронтовската линија, при што француски, италијански и руски единици презеле делови од секторите што претходно ги држела српската армија. Околу Кота 1050, со оваа реорганизација била воспоставена поставеноста што ќе го одбележи боиштето во 1917 и 1918 година.

Фронт разделен со само неколку десетици метри

Линијата на Антантата се протегала под гребенот, на места на само кратко растојание од рововите на Централните сили. Во одредени делови, рововите на спротивставените страни биле оддалечени само неколку десетици метри.

Конфигурацијата на теренот ги правела овие позиции исклучително тешки за освојување. Врвот и горните падини овозможувале одличен преглед над приодите, додека позициите на Централните сили биле особено добро заштитени со засолништа и земјанки ископани во карпестиот терен. Комуникациските ровови на сојузниците биле толку изложени што често можеле да се користат само по стемнување – дури и за евакуација на ранетите.

Фотографии на италијанската армија од позициите и активностите во секторот на Кота 1050 (Извор..)

Офанзивата во мај 1917

Најдраматичниот период во борбите дошол со сојузничката пролетна офанзива во мај 1917 година. Борби се воделе на повеќе делови од Македонскиот фронт, но во овој текст ќе се задржиме на секторот на Кота 1050.

French map showing military operations on the frontline on May 9, 1917.

Француска карта што ги прикажува воените операции на фронтот на 9 мај 1917 година. (Извор…)

Важно е да се има предвид дека, за разлика од сојузничката офанзива во септември 1918 година, сојузничките армии во мај 1917 година немале јасна предност ниту во бројноста на војниците и опремата, ниту доволно време за подготовка на голема офанзива со изгледи за решавачки успех. Сепак, во војна одлуките ретко се носат само врз основа на состојбата на боиштето. Врз нив влијаат и пошироките стратешки околности, случувањата на другите фронтови, политичките фактори и потребата да се одржува притисок врз противникот. Затоа, офанзивата од мај 1917 година треба да се гледа во поширокиот контекст на војната, а не само како обид за решавачки пробив на Македонскиот фронт.

Како подготовка за главниот напад, сојузничката артилерија започнала интензивно бомбардирање на бугарско-германските позиции. Канонадата траела неколку дена, но позициите на Централните сили на повисокиот терен се покажале како извонредно отпорни, благодарение на природните карпести засолништа и добро изградените одбранбени утврдувања.

Во 6:30 часот наутро, на 9 мај 1917 година, започнал пешадискиот напад.

Италијанските единици напредувале кон Кота 1050, додека француските колонијални и руските единици ги нападнале соседните сектори.

Делови од италијанската пешадија успеале да стигнат до, а на места и да навлезат во предните непријателски ровови. Некои единици успеале да го поминат и гребенот и да влезат во позиции што претходно ги држеле српските сили, пред да бидат изгубени по падот на Битола.

Но, напредувањето било пречекано со жесток оган од митралези, артилерија и рововски минофрлачи.

Еден од најтешките моменти се случил кога италијанска чета била речиси целосно уништена од експлозија на мина во ров од кој штотуку биле потиснати бранителите. И покрај тоа, дел од преживеаните продолжиле напред и навлегле во непријателските ровови, каде што заробиле германски војници.

Следел контранапад.

Германските со поддршка на соседните бугарски единици, успеале да го вратат поголемиот дел од изгубениот терен. На крајот, сојузничкиот напад бил прекинат.

Одбранбената линија на бугарско-германските сили не била пробиена.

А Кота 1050 останала во рацете на Централните сили.

Sunset on Hill 1050. On the left Suvodol Lake and REK Bitola can be seen

Зајдисонце на Kота 1050. Лево се гледаат езерото Суводол и РЕК Битола (Самата Кота 1050 не се гледа на фотографијата).

Човечки жртви на секторот околу Кота 1050

Човечките загуби во борбите околу Кота 1050 за време на офанзивата во 1916 година е тешко точно да се утврдат, бидејќи борбите траеле повеќе од четири месеци, а фронтовската линија постојано се менувала. Кота 1050 била дел од овие пошироки борби, па затоа е тешко да се одвојат загубите што настанале на самата кота од оние во околните борби.

За време на офанзивата во мај 1917 година, во секторот на Кота 1050 и свиокот на Црна Река, човечките загуби биле огромни. Армиите на Антантата имале околу 5.400 жртви, од кои 2.400–2.700 Италијанци, 1.700 Французи и 1.325 Руси. Од страната на Централните сили, 681 бугарски војник бил убиен или ранет во пешадискиот напад на 9 мај, додека бугарските загуби во пошироките борби од 5 до 9 мај изнесувале 1.626 војници. Германските загуби исто така биле значителни, но во достапните извори не е утврдена сигурна посебна бројка.

Македонци на различни страни на фронтот

Во борбите кај Кота 1050 учествувале и војници од различните етнички делови на Македонија. По Балканските војни, Србија регрутирала војници и од Вардарскиот дел на Македонија. Овие војници се бореле на српскиот фронт против Австро-Унгарија во текот на 1914 и 1915 година, при што голем број биле убиени или заробени. По влегувањето на Бугарија во војната, дел од заробените Македонски војници биле предадени на бугарската армија. (Прочитајте повеќе…)

Во исто време, бугарската армија во своите редови имала голем број војници од Пиринскиот дел на Македонија, како и од бројните македонски емигрантски заедници кои се населиле во Бугарија за време на доцниот османлиски период и Балканските војни. По окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија, бугарските сили започнале да регрутираат и локално население. Така, како што фронтот навлегувал во Македонија, луѓе од различни делови на Македонија можеле да се најдат во армиите што се бореле на спротивставени страни.

Petko Liskovski (1882 - 6.II.1970)
Turkish soldier from 1910 to 1912
Serbian soldier from 1914 to 1915
Bulgarian soldier from 1916 to 1918
Village cemetery, Church St. Spas village Dobrusevo.

Петко Лисковски (1882 – 6.II.1970) – Турски војник од 1910 до 1912 | Српски војник од 1914 до 1915 | Бугарски војник од 1916 до 1918 | селски гробишта, црква Св. Спас село Добрушево (Извор…).

Списоците на загинати во реонот на Кота 1050 и Црна Река содржат имиња на голем број војници од различни делови на Македонија. Во есенската офанзива во 1916 година, Вардарската дивизија на српската армија учествувала во нападите врз позициите во близина на селото Суводол.

Воените операции тешко го погодиле и локалното цивилно население, кое било директно изложено на последиците од борбите и присуството на војските.

Затоа, со право можеме да кажеме дека Првата светска војна не ја заобиколила Македонија. Таа поминала низ неа – и низ животите на нејзините жители.

Пробој на Македонскиот фронт – септември 1918

По пробојот на Македонскиот фронт на Добро Поле на 15 септември 1918 година, Централните сили започнале да се повлекуваат по целата фронтова линија, со што Кота 1050 била конечно освоена, само на неколку денови пред примирјето во Солун на 30 септември 1918 година.

Посета на Кота 1050 / Кота 809

Посетата на Кота 1050 се препорачува само за искусни планинари и посетители кои се навикнати на движење по планински терен. Теренот е претежно сув и отворен, со малку сенка и висока вегетација, па пешачењето може да биде особено напорно во летните месеци. Пролетта и есента се најпогодни периоди за посета, кога температурите се попријатни.

Кота 809 нуди пократка и полесно достапна можност за запознавање со боиштето и, воопшто, е подобра и побезбедна локација за посета. Се наоѓа релативно блиску до регионалниот пат и до неа може да се стигне со околу 15 минути пешачење по планинската падина покрај патот. На Кота 809 се наоѓаат особено интересни остатоци од италијанско воено утврдување, кое најверојатно служело како команден или набљудувачки пункт.

Практичен совет за посета на „Кота 809“ – оставете го автомобилот на паркингот на регионалниот пат R1311 (41.07206569406811, 21.527979249414273) и продолжете пеш околу 15 минути по нагорнината. Ве молиме, придржувајте се до безбедносните упатства.

Во оваа област нема јавен превоз. Доколку немате возило, можете на изнајмите на следниот линк… Изнајмете возило…

Безбедносни препораки

И Кота 809 и Кота 1050 се необележани и неуредени историски локалитети во планински терен. Околу остатоците од ровови и утврдувања нема уредени патеки за посетители, заштитни огради или пак друга туристичка инфраструктура. Затоа, посетителите треба да се движат по стабилен терен и да избегнуваат влегување во нестабилни или делумно урнати објекти.

Треба особено да се внимава на:

  • Неексплодирано оружје и муниција (UXO): Како поранешно боиште од Првата светска војна, областа содржи неексплодирана муниција и други опасни воени остатоци. Никогаш не допирајте, поместувајте, отворајте или земајте со себе сомнителни предмети. Ако наидете на предмет за кој се сомневате дека е муниција, не го допирајте и оддалечете се од местото.
  • Нестабилни ровови и земјанки: Рововите, засолништа и подземни позиции повеќе од еден век се изложени на временските услови. Нивните ѕидови и покриви може да се урнат без предупредување. Избегнувајте качување, влегување или стоење непосредно под нестабилни објекти.
  • Одрони и паѓање на камења: Ископаните падини и изложените карпи може да станат нестабилни, особено по обилни дождови, мраз или поради долгогодишното влијание на временските услови.
  • Свлечишта и нестабилен терен: Некои делови од фронтовата линија се на стрмни или еродирани падини. Бидете особено внимателни во близина на рабовите на рововите, насипите и стрмните ископи во теренот.
  • Змии и други диви животни: На теренот не е исклучена можноста да сретнете змии и други диви животни, особено во потоплите месеци. Внимавајте каде стапнувате и не ставајте ги рацете во дупки, пукнатини во карпи или густа вегетација каде што видливоста е ограничена.
  • Временски услови и изложеност: На делови од патеката има малку сенка. Во лето, високите температури, дехидрацијата и изложеноста на сонце може да претставуваат сериозна опасност. Носете доволно вода, соодветни обувки и заштита од сонце.
  • Ориентација: Остатоците од боиштето се распрскани низ отворен и пошумен терен, а нема јасно обележани патеки или сигурни патокази. 

Ве молиме, не влегувајте во рововите – опасно е. Децата треба постојано да бидат под близок надзор на возрасен.

Се препорачува да носите соодветни планинарски обувки, доволно вода за пиење, заштита од сонце и облека соодветна на временските услови. Пред да тргнете, проверете ја временската прогноза и оставете доволно време за враќање пред да се стемни.

За посетителите кои не го познаваат теренот се препорачува посета со професионален локален водич. Искусен водич може да помогне при пронаоѓањето и објаснувањето на историските остатоци, но и да укаже на местата кои треба да се избегнуваат од безбедносни причини.

Пред сè, имајте предвид дека Кота 1050 и Кота 809 не се реконструирани споменици ниту класични туристички атракции. Тие се автентични пејзажи од боиштата на Првата светска војна, каде што историските објекти и потенцијално опасните остатоци сè уште се наоѓаат во нивната природна средина. Ве молиме однесувајте се внимателно кон локалитетите: не земајте артефакти, не ги оштетувајте утврдувањата и не ги вознемирувајте можните човечки останки.

Место на сеќавање

Кота 1050 треба да се памети како место каде што млади луѓе од многу земји биле испратени да се борат и да загинат на планина чие стратешко значење било многу поважно за воените команданти отколку за луѓето кои морале да ја бранат.

Некои загинале.

Некои биле ранети.

Некои биле заробени.

Други ја преживеале војната и го носеле сеќавањето на Кота 1050 со себе до крајот на животот.

Денес, топовите молчат.

Рововите полека исчезнуваат.

Планината останува.

И токму затоа Кота 1050 заслужува да биде зачувана – не како споменик на победата, туку како место на сеќавање и помирување.

Тие загинаа овде затоа што им било наредено да се борат.
Ние ги паметиме затоа што биле луѓе.

Нека почиваат сите во мир.

Автор на текстот и новите фотографии: Јове Парговски, OFF Road Macedonia. Забрането е преземање на содржини без дозвола на авторот

Garmin Fenix Ad