Последниот сончев ден од месец ноември беше мотив плус за членовите на OFF ROAD Macedonia да го посетат Мариово. Митко Крстевски, Парговски Јове и Бобо Груевски рано утрината се упатија на ова патување и после село Маково се исклучија од регионалниот пат кон село Чаниште и прекрасните предели на прилепско Мариово. Неколкуте бачила по патот и гостопримливите домаќини само го дополнуваат впечатокот од прекрасните панорами во овој дел.
Особено интересно е село Чаниште и прекрасните примери на традиционална Македонска архитектура од Мариово.
Следна попатна станица беше село Крушевица и гробот на Толе Паша, војвода од Мариовскиот крај .
Гробот на Толе Паша
Од село Крушевица, патувањето продолжува по регионалниот пат – Прилеп – Витолиште кон село Полчиште и врвот Панделе во близина на ова село.
Од врвот Панделе се гледа „како на дланка“ цело Мариово, а на самиот врв се наоѓаат двете црквички посветени на Св. Вмч. Пантелејмон, конаците во градба и предавател на мобилниот оператор ВИП.
Манастирот Св. Никола во село Манастир со истоимената црква која потекнува од XI век е една од најпосетените локации во овој дел на Мариово и тукму тој беше следната локација за посета. Домаќините во манастирот како и секогаш гостопримливи ги почастија посетителите со чај и кафе а убавиот и сончев ден беше причина плус и за големиот број на други гости кои го посетија манастирот.