Добро Поле е месност на границата меѓу Македонија и Грција, скриена во тешко пристапните предели на Мариово. Пред повеќе од еден век, на ова место се одиграла битката која ќе доведе до побрзо завршување на Големата војна, која подоцна ќе остане запаметена како Првата светска војна.
Во септември 1918 година, токму тука започнал сојузничкиот пробој кој ќе доведе до распадот на Македонскиот фронт и ќе ја принуди Бугарија на примирје. Потоа, како домино, ќе следуваат и останатите земји од Централните сили.
Ова е приказната за Добро Поле – местото каде што започнал крајот на Големата војна.
Текст и фотографии: Јове Парговски, OFF ROAD Macedonia
Содржина
- Македонскиот фронт во летото 1918 година
- Подготовки за сојузничката офанзива
- Зошто било избрано Добро Поле?
- Состојбите во бугарската војска пред нападот
- Сооднос на силите пред почетокот на офанзивата
- 14 септември – артилериска подготовка за офанзивата
- 15 септември – Битката на Добро Поле
- Дојран – бугарската победа
- Прилеп, 18 септември – последен обид за промена на текот
- Добро Поле и патот до Солунското примирје
- Домино ефект – од бугарското примирје до крајот на војната
- Македонски војници во Битката на Добро Поле и на Македонскиот фронт
- Добро Поле по војната и споменикот „Бронзена рака“
- Литература и извори
Македонскиот фронт во летото 1918 година
Во летото 1918 година, односот на силите на Македонскиот фронт сè повеќе се менувал во корист на Сојузниците. По речиси три години војување, Бугарија и нејзината армија биле сериозно истоштени. Војната која траела подолго од планираното, големите човечки загуби, недостигот од храна и воен материјал и лошата економска ситуација оставиле силни последици врз земјата и врз армијата.

Во бугарските единици сè повеќе се чувствувале заморот и падот на моралот. Снабдувањето со храна, муниција, облека и друга опрема било отежнато, а можностите за надополнување на загубите и испраќање свежи засилувања биле ограничени. Долготрајното присуство на фронтот дополнително го зголемувало незадоволството меѓу војниците [2].
Дополнителен проблем претставувало постепеното намалување на германската поддршка. Во текот на 1918 година, Германија префрлила значителен дел од своите сили кон Западниот фронт, каде што во пролетта ја започнала големата офанзива. Неуспехот на германската офанзива и постепеното пристигнување на свежи американски сили и материјал на Западниот фронт дополнително ја менувале стратешката рамнотежа во корист на Антантата.
За време на Првата светска војна, САД и Бугарија не биле во војна. Поради тоа, Американското присуство на Балканот било единствено преку медицински и цивилни мисии. Американската воена интервенција била насочена пред сè кон Западниот фронт. Прочитајте повеќе: „Ангелите од Битола“ и беспрекорно чистата Американска болница
Иако исходот на војната сè уште не бил формално решен, до летото 1918 година станувало сè појасно дека Централните сили се наоѓаат во потешка стратешка положба.
Состојбата во Бугарија, дополнително ја влошувале економските проблеми. Земјата, која во голема мера била аграрна, морала да обезбедува храна за цивилното население и за армијата, додека значителен дел од работоспособното население бил мобилизиран. Во исто време, воената економија зависела од увозот на оружје, муниција и друга опрема, особено од Германија [3].
Недостигот од основни производи довел до раст на црниот пазар и профитерството, додека цените станувале сè потешки за одржување. Недостигало храна, лекови, огревно дрво, а јагленот бил особено дефицитарен. Гладот и лошите животни услови станале дел од секојдневието и на градското и на селското население, состојба која особено била изразена во окупираните територии [2]. Лошите услови придонесувале и за ширење на болести. Исцрпеното и недоволно нахрането население било особено ранливо на заразни заболувања, а во текот на 1918 година епидемиите дополнително ја влошиле состојбата и меѓу цивилите и меѓу војниците .

Во јуни 1918 година дошло до промена на бугарската влада. Новиот кабинет, предводен од Александар Малинов (по потекло од Русија), ветил промена на дотогашната политика и за изнаоѓање начин за што поскоро завршување на војната.
Промената на владата дополнително ги засилила надежите и гласините дека Бугарија би можела да се повлече од војната.
Според бугарскиот историчар Ангел Џонев, во летото 1918 година меѓу дел од војниците и агитаторите се ширела идејата дека септември ќе биде пресвртна точка и дека учеството на Бугарија во војната би можело да заврши токму тогаш. Датумот 15 септември, според Џонев, бил особено присутен во овие гласини и очекувања. Овие расположенија биле важен показател за падот на моралот и зголеменото незадоволство во бугарската армија. Истите гласини ги потврдуваат и други автори како Димитар Азманов и англискиот писател Грем Шепард, во својата публикација базирана на спомените на два заробени англиски војници.
Прочитајте повеќе: Грем Шепард (Graeme Sheppard) „The Bulgarian Contract: The Secret Lie That Ended the Great War (Бугарскиот договор: Тајната лага која ја заврши Големата војна)
Од другата страна на фронтот се наоѓале Сојузниците, кои во текот на 1918 година постепено создале подобри услови за голема офанзива. Сојузничките армии располагале со значителни резерви на луѓе и материјал, а Солун претставувал важна база за снабдување и концентрација на силите.
Со вклучувањето на Грција на страната на Антантата, грчката армија постепено била организирана и вклучувана во операциите, што овозможило поголема концентрација на сојузнички сили на фронтот и подобро искористување на расположливите единици.
До летото 1918 година, сојузничката команда започнала сериозно да се подготвува за голема офанзива. Во текот на следните месеци кон фронтот биле префрлани свежи единици, артилерија, муниција и инженерски материјал. Истовремено, биле подобрувани патиштата и комуникациите, а подготовките биле внимателно прикривани за да не се открие местото на главниот удар.

Особено силна била мотивацијата кај српската војска. По повлекувањето од Србија во 1915 година и речиси три години поминати надвор од својата земја, српските војници имале јасна цел – да се вратат во Србија. За нив, пробивот на Македонскиот фронт не бил само воена операција, туку и можност за ослободување на сопствената земја и враќање дома.
Подготовки за сојузничката офанзива
Одлуката за голема сојузничка офанзива на Македонскиот фронт се оформувала постепено во текот на летото 1918 година. По неуспехот на германската офанзива на Западниот фронт, вниманието на сојузничката команда повторно се насочило кон Балканот и кон можноста за пробив на Македонскиот фронт.
На чело на Сојузничката армија на Истокот во Солун во јуни 1918 година дошол генералот Луј Франше д’Епере (Louis Franchet d’Espèrey), кој го наследил генералот Адолф Гијом (Adolphe Guillaumat). Гијом, пак, претходно бил поставен на оваа должност на местото на генералот Морис Сарај (Maurice Sarrail), а во 1918 година бил повлечен во Франција и назначен на висока должност во француската Врховна команда.

Во текот на летото, сојузничките политички и воени структури започнале да ја разгледуваат можноста за офанзива на Балканот. Во јули било прифатено да продолжат подготовките за таква операција, но конечниот почеток на офанзивата бил условен со дополнително политичко одобрение. Тоа му овозможило на д’Епере да продолжи со подготовките и постепено да концентрира војска и материјал, без притоа веднаш да го открие вистинскиот обем на планираната операција.

Во исто време, планот морал да биде усогласен со интересите и приоритетите на главните сојузнички сили. Поддршката од Франција, Велика Британија и Италија била од особено значење, бидејќи секоја од овие држави имала свои стратешки приоритети и располагала со ограничени воени ресурси [7].

Во почетокот на септември, генералот Гијом отпатувал во Лондон и Рим, каде што ја обезбедил поддршката на британската и италијанската влада за планираната операција. Со тоа подготовките добиле потребната политичка поддршка и можеле да преминат во непосредна подготовка за напад.

Концентрација на силите
Во меѓувреме, на Македонскиот фронт се одвивала обемна и внимателно прикривана логистичка операција. Сојузниците постепено префрлале артилерија, муниција, инженерски материјал и свежи единици кон секторот во кој бил планиран главниот удар.

Посебно внимание било посветено на подготовката на тешкиот планински терен. Биле подобрувани патиштата и пристапите кон предните позиции, додека инженерските единици работеле на изградба и уредување на артилериски позиции. Дел од тешката артилерија била поставена на големи надморски височини на Ниџе Планина, што им овозможило на Сојузниците да концентрираат значителна огнена моќ непосредно пред почетокот на офанзивата.
Подготовките биле организирани со голема мера на тајност. Движењето на единиците и воениот материјал се одвивало постепено, артилериските позиции биле маскирани, а сојузничката команда настојувала да го прикрие точниот сектор во кој ќе биде зададен главниот удар.

Бугарската команда била свесна дека Сојузниците подготвуваат поголема операција, но не успеала целосно да ја согледа големината на концентрацијата на силите ниту точно да ја процени насоката на главниот удар. Токму оваа комбинација од внимателно прикривање, постепено концентрирање на силите и избор на тежок планински сектор требало да му овозможи на д’Епере да постигне елемент на изненадување [9].
До почетокот на септември, сојузничките подготовки биле во суштина завршени. На фронтот кај Добро Поле биле концентрирани значителни пешадиски и артилериски сили, а зад нив бил подготвен и систем за снабдување и поддршка. Следниот чекор бил да се избере точниот момент за започнување на артилериската подготовка и нападот.

Зошто било избрано Добро Поле?
Изборот на Добро Поле не бил случаен. Сојузничката команда барала место каде што силен и добро подготвен удар не само што би можел да ја пробие првата линија на бугарската одбрана, туку и да предизвика поширок распад на фронтот. Идејата за напад врз бугарските позиции кај Добро Поле се појавила уште во 1916 година, а до летото 1918 година овој сектор повторно се наметнал како особено погоден за решавачки пробив.

Добро Поле се наоѓа на висок и тешко пристапен планински простор, на надморска височина од околу 1.800 метри. Теренот околу Добро Поле, Ветреник и Сокол претставувал сериозна природна пречка за секоја офанзивна операција. Токму поради тешкиот планински терен, бугарските позиции во овој сектор биле сметани за тешко освоиви, што дополнително придонело за елементот на изненадување.
Сепак, тешкиот терен имал и своја слабост. Бугарските одбранбени позиции не биле развиени во длабочина онолку колку што би било потребно за да се запре поголем пробив. Зад првата одбранбена линија немало доволно силна и добро подготвена длабинска одбрана, а дополнителните сили и резерви биле релативно далеку од предните позиции. Сојузничката команда проценила дека успешен пробив кај Добро Поле би можел да ги раздвои бугарските сили и да го наруши целиот систем на одбрана.

Сериозен проблем за бугарската армија бил транспортот и снабдувањето на позициите. Планинскиот терен околу Добро Поле и Мариово значително го отежнувал движењето на луѓето, муницијата, храната и другата воена опрема.
Од железничката станица во Градско, која била главна база за целата армија, во текот на војната биле изградени проодни патишта преку планините во речиси сите правци, во одредени делови тесна железница и жичница која ја поврзувала станицата Градско со Прилеп.



Подоцна, кон крајот на војната жицницата била продолжена преку Беловодица, Расим-бегов мост до селото Полчиште, сместено зад втората дивизија. Транспортниот капацитет на оваа жичница бил далеку од доволен за да ги задоволи огромните потреби на армијата.
Од станицата Пантелејмон (Полчиште), крајната точка на жичницата во 1918 година, сите залихи понатаму се пренесувале со товарна стока или на грбот на војниците. Поради исцрпеноста, останала само една третина од коњите, а половина од нив биле неспособни за служба, па војниците морале да ги заменат. Според сведоштвото на војникот Б. Драганов, артилериската муниција се носела рачно од Градешка река до фронтовата линија, на растојание од 4–5 километри. За некои гранати биле потребни и до четири војници, а на овој начин биле пренесени повеќе од 3.000 гранати [3].
Тоа значело дека проблемот со снабдувањето не бил само во количината на материјалот што можел да се обезбеди, туку и во можноста тој навреме да биде доставен до предните позиции.
За изградбата и одржувањето на комуникациските линии на фронтот било користено и локалното население, често под присила и во исклучително тешки услови [11].

Проблемите со снабдувањето директно се одразувале и врз состојбата на војниците. Позициите околу Добро Поле се наоѓале на висока планинска територија, со долги студени периоди, снег, ниски температури и тешки услови за движење и престој. Војниците со месеци биле изложени на студ, влага и физички напор, додека снабдувањето со храна, облека, обувки и друга опрема станувало сè потешко.
Долготрајното војување, недостигот од материјали и тешките услови на фронтот сериозно влијаеле врз физичката издржливост и моралот на војниците. До 1918 година моралот во бугарската армија бил значително влошен, а командата се соочувала и со зголемени случаи на дезертирање и одбивање на борба. Истовремено, префрлањето на германски единици и материјали кон Западниот фронт дополнително ја ослабнало позицијата на Централните сили на Македонскиот фронт.




На спротивната страна, во делот на Пожарско денешна Грција, Сојузниците располагале со подобро организиран систем на комуникации и снабдување. Солун бил главната сојузничка база, од која материјалот и муницијата со воз се пренесувале кон различните станици на пругата која водела до Битола, од која понатаму се разгранувале дополнителни врски кон позициите на фронтовата линија.
Во пресрет на офанзивата, Сојузниците успеале да концентрираат значителни сили, артилерија и материјал во секторот каде бил планиран нападот.

Добро Поле било избрано како место каде што комбинацијата од изненадување, концентрација на сојузнички сили, артилериска надмоќ и слабеењето на бугарската одбрана можела да произведе нешто многу поголемо од локален тактички успех. Целта била да се создаде пробив што ќе го наруши целиот бугарски фронт и ќе овозможи брзо напредување кон Вардарската Долина, Градско и понатаму кон север.
Состојбите во бугарската војска пред нападот
Во есента 1918 година, бугарската армија броела вкупно 878.000 војници, од кои 608.000 биле на фронтот, а 180.000 распоредени во внатрешноста – низ Бугарија и окупираните територии [3]. Според пописот во 1914 година, Бугарија имала 4 240 000 жители.
Просторот каде требало да се случи главниот напад го бранеле 2-ра и 3-та дивизија, кои не биле под иста непосредна команда. Ова во услови на силен напад и прекинати комуникации, би го отежнало брзото усогласување на одбраната. Иако теренот бил тежок за напад, долгата линија на фронтот и ограничените можности за брзо префрлање резерви ја отежнувале одбраната.

Дополнителен проблем претставувала состојбата во највисокото воено раководство. На 8 септември 1918 година, врховниот командант на бугарската армија, генералот Никола Жеков, во моменти кога се очекувала офанзива на фронтот, заминал на лекување во Виена. Неговите должности ги презел заменикот, генералот Георги Тодоров, кој пак во деновите на главниот напад 14-15 септември присуствувал во Софија на свеченостите по повод посетата на кралот на Саксонија. Успеал да се врати назад на фронтот на 16-17 септември [3].
Интересен е податокот дека на манифестациите по повод на посетата на саксонскиот крал на Софија, биле испратени 100 најдобри војници и офицери од 10. Родопски пешадиски полк, кој бил стациониран на овој сектор. На ова претходно реагирал командантот на 2-та дивизија, генералот Иван Русев, кој предупредил дека се забележуваат знаци за претстоен сојузнички напад и дека не е разумно токму тогаш од позициите да се повлекуваат најдобрите офицери и војници. [8]
Бугарската команда знаела дека на спротивната страна се подготвува напад, само не знаела на кое место тој ќе се случи, иако дел од разузнавачките информации го посочувале токму Добро Поле.
Сооднос на силите пред почетокот на офанзивата
Во летото 1918 година, Сојузниците се соочувале со ограничувања во можноста да доведат нови воени формации на Македонскиот фронт. Британските и француските сили биле ангажирани и на други воени подрачја, а германската пролетна офанзива на Западниот фронт дополнително ги оптоварила француските резерви. Затоа командантот на сојузничките армии, генералот Луј Франше д’Епере, морал внимателно да ги распореди силите што веќе му биле на располагање и да создаде предност во избраниот сектор на нападот.
Важна улога во пошироката сојузничка стратегија имала и Грција, која во јуни 1917 година официјално влегла во војната на страната на Антантата. Сојузничката помош придонела за зајакнување и реорганизација на грчката армија, чии единици учествувале во операциите на Македонскиот фронт. Сепак, главниот удар кај Добро Поле го извеле пред сè српските и француските сили, додека грчките единици имале улоги во пошироката офанзива и во поврзувањето на одделни делови од сојузничкиот распоред.
Пред офанзивата во септември 1918 година, Сојузниците на Македонскиот фронт располагале со хетерогена армија од околу 618.000 војници (Француски 180.000 (од кои околу 50% од колониите), српски 140.000, грчки 135.000, англиски 120.000, италијански 42.000 и албански 1.000) [12]. На спротивната страна била композитна бугарска армија со германски единици на клучните позиции, во приближно ист број.
Треба да се има предвид дека само приближно една третина од овие војници биле распределени на фронтовата линија, која се протегала од Охридското Езеро до Орфанскиот (Струмски) Залив. Ако се анализираат само непосредно борбено употребливите пешадиски сили, Сојузниците располагале со 177.576 пушки, наспроти 172.200 кај Централните сили, односно соодносот на силите на фронтот бил приближно ист.
Со прегрупирање на Сојузничките сили на делот каде што требало да биде извршен главниот напад, се создала релативна надмоќ, како предуслов за успех. На тој дел од фронтот Сојузниците имале 36.500 наспроти 11.600 ефективни пушки и изразена надмоќ во митралези, пушко митралези, артилерија и авијација, како што може да се види од табелата во прилог.

Преку префрлање и концентрација на силите, Сојузниците настојувале на местото на главниот удар да создадат јасна локална надмоќ, а со прикривање на подготовките и изборот на моментот да го искористат и елементот на изненадување[13].
Разликата меѓу двете страни не се состоела само во бројот на артилериските орудија. Важни биле и снабдувањето со муниција, можноста за одржување на артилерискиот оган, извидувањето и координацијата меѓу различните формации. Сојузниците располагале со логистичка мрежа во заднината на фронтот, додека бугарските единици на планинскиот терен зависеле од ограничените патишта и од товарниот и запрежниот транспорт за снабдување на предните позиции.
Сојузничката авијација дополнително придонесувала преку извидување и напади врз избрани цели. Заедно со артилериската подготовка и концентрацијата на пешадијата, овие средства ја зголемиле способноста на Сојузниците да извршат силен удар на ограничен простор.
14 септември – артилериска подготовка за офанзивата
На 14 септември 1918 година започнала артилериската подготовка за сојузничката офанзива на Македонскиот фронт. Планот предвидувал масовно бомбардирање на бугарските позиции, по кое следното утро, на 15 септември, требало да започне пешадискиот напад кај Добро Поле.
За координација на почетокот на операцијата била употребена шифрирана порака: „Испратете 14 офицери и 8 војници“. Пораката означувала дека артилерискиот оган треба да започне на 14 септември во 8 часот наутро, доколку се погодни временските услови.
Маглата претставувала сериозен фактор во планирањето на операцијата. Во раните утрински часови таа ги покривала Добро Поле и околните височини, ограничувајќи ја видливоста. Како што се разденувало, условите постепено се подобрувале, овозможувајќи им на сојузничките сили да ја започнат планираната артилериска подготовка.
Војводата Живојин Мишиќ ја испратил договорената шифра во 6:15 часот, откако проценил дека временските услови дозволуваат почеток на дејствата.
Во 8 часот наутро сојузничката артилерија отворила оган на целата фронтова линија, а со околу 570 топови бил расчистуван теренот во делот на главниот напад (околу 30 км). Бомбардирањето било насочено кон рововите, набљудувачниците, митралеските гнезда, засолништата и препреките од бодликава жица. Целта не била само да се нанесат загуби, туку и да се оштетат одбранбените линии, да се прекинат телефонските врски и да се наруши командувањето на бугарските единици.
Артилерискиот оган продолжил во текот на денот, со прекини за набљудување и воздушно извидување. Сојузничките авиони имале задача да ги следат резултатите од бомбардирањето и да помогнат во процената на оштетувањата на непријателските позиции. Временските услови, меѓутоа, не биле секогаш поволни за воздушните операции.

Бугарската артилерија возвраќала на нападот, но сојузничката огнена моќ и интензитетот на бомбардирањето вршеле силен притисок врз бранителите. На одделни места биле оштетени рововите и засолништата, а комуникациите меѓу единиците биле нарушени.
Гранатирањето продолжило и во текот на ноќта меѓу 14 и 15 септември, со кратка пауза кога биле испратени извидувачки патроли, да ги проверат предните позиции. Нивните извештаи укажувале дека на повеќе места бодликавата жица била доволно оштетена за пешадијата да може да помине низ препреките.

15 септември – Битката на Добро Поле
Утрото на 15 септември 1918 година започнал долго подготвуваниот сојузнички пешадиски напад. Во 5:30 часот, Српската Втора армија и француските колонијални единици тргнале во напад врз утврдените височини. Главните цели биле Добро Поле, Сокол, Ветреник, Кравица и Кравички Камен – позиции што имале клучно значење за бугарската одбрана на овој дел од Македонскиот фронт.

Теренот бил исклучително тежок за напредување. Стрмните падини, карпестите гребени, рововите и митралеските гнезда им давале предност на бранителите. И покрај артилериската подготовка од претходниот ден, бугарските позиции не биле целосно уништени, па сојузничката пешадија се соочила со силен отпор на повеќе места.
Борбите за Ветреник и Кравички Камен
На српскиот сектор, Шумадиската дивизија го нападнала Ветреник и околните височини. Напредувањето било тешко, а борбите продолжиле и по освојувањето на дел од позициите.
Француската 17-та колонијална дивизија напаѓала кон Кравица и соседните позиции. По жестоки борби, таа успеала да ја освои Кравица. Во нападите кон Кравички Камен значајна улога имала и Шумадиската дивизија, чии единици го поддржувале француското напредување и настојувале да ги заобиколат утврдените бугарски позиции.
Нападот врз Добро Поле и Сокол
На западниот дел од зоната на пробивот, француската 122-ра дивизија напаѓала кон Добро Поле и Сокол. Дел од предните бугарски позиции биле совладани и сојузничките единици постепено напредувале по тешкиот планински терен.
Добро Поле било освоено во текот на попладнето. Освојувањето на оваа височина било особено важно, бидејќи ја нарушило поврзаноста на бугарските одбранбени позиции и го отворило патот за понатамошно напредување. Сепак, борбите за Сокол продолжиле подолго. Бугарските бранители пружале силен отпор, а врвот бил освоен дури во вечерните часови, со учество и поддршка на српските единици.



И покрај тешкотиите, до крајот на денот Сојузниците успеале да ги освојат клучните височини и да го пробијат првиот бугарски одбранбен појас.
До крајот на денот, Бугарија загубила приближно 40–50 проценти од војниците вклучени во битката — околу 3.000 заробеници, 2.689 загинати и 50 од првичните 158 артилериски орудија. Загубите на Антантата изнесувале 1.850 загинати Французи, 200 Срби и 158 Грци [16].



Успехот им овозможил на сојузничките сили да продолжат со напредувањето, а на Српската Прва армија ѝ отворил можност да се вклучи во поширокото дејствување.

16–18 септември – пробојот се шири
По пробoојот на фронтовата линија, сојузничките сили продолжиле да напредуваат во длабочината на бугарската одбрана. На 16 септември, српските единици го насочиле нападот кон Козјак и соседните височини, со цел да го прошират пробојот и да ги потиснат бугарските сили од нивните следни одбранбени позиции.

Борбите биле жестоки, а напредувањето не се одвивало подеднакво успешно на сите делови од фронтот. Сепак, освојувањето на Козјак претставувало значаен успех за Српската армија. Со тоа се отвориле нови можности за напредување кон Тиквешката Котлина и за продлабочување на пробивот во бугарската одбранбена зона.
Бугарските сили се обидувале да го запрат напредувањето и да воспостават нова одбранбена линија. Во одделни сектори во нивна поддршка дејствувале и германски единици, кои настојувале да го забават сојузничкиот притисок и да го покријат повлекувањето на бугарските формации.
На 17 септември, српските сили го продолжиле напредувањето на повеќе правци. Дринската, Дунавската, Тимочката и другите дивизии дејствувале против преостанатите бугарски упоришта, настојувајќи да ги заземат важните височини и да го прошират просторот низ кој можеле да минуваат сојузничките единици.
Во некои сектори отпорот бил послаб, додека на други бугарските и германските единици продолжиле да ги бранат позициите. Оваа нерамномерност покажува дека пробивот не довел до истовремен распад на целиот фронт, туку до постепено слабеење на одбраната и сè потешко одржување на поврзаноста меѓу единиците.
Како што се продлабочувал сојузничкиот пробив, бугарската команда се соочувала со сè потешка ситуација. Повлекувањето на одделни формации, нарушените комуникации и недостигот од свежи резерви ја отежнувале организацијата на нова одбранбена линија. Сојузничките сили, од своја страна, настојувале да го искористат моментот и да го претворат првичниот успех во пошироко оперативно напредување.
Повлекувањето кон Црна Река
Во следните денови, сојузничките единици продолжиле да напредуваат кон долината на Црна Река. На 18 септември, француско-грчките сили ги зазеле Старавина и Зовиќ и се приближиле до премините преку Црна Река. Истовремено, на другите делови од фронтот продолжиле нападите врз бугарските позиции и обидите да се спречи воспоставувањето нова непрекината одбранбена линија.

Црна Река и околниот терен нуделе можности за организирање нов отпор, но бугарската армија веќе била под силен притисок. Сојузничкиот пробив ги принудувал бугарските единици да се повлекуваат, а секое ново повлекување ја отежнувало координацијата меѓу соседните формации.

Дојран – бугарската победа
На 18 септември 1918 година, британските и грчките сили започнале голема офанзива врз бугарските позиции кај Дојранското Езеро. Нападот бил дел од пошироката сојузничка операција на Македонскиот фронт, чија цел била да се задржат бугарските сили на нивните позиции и да се спречи испраќањето засилувања кон секторот каде што српските и француските единици веќе го пробиле фронтот кај Добро Поле.
Кај Дојран, меѓутоа, сојузниците наишле на силен отпор. Бугарската 9-та Плевенска пешадиска дивизија, под команда на генерал Владимир Вазов, располагала со добро организирани и утврдени одбранбени позиции. Бранителите ги искористиле теренот, артилеријата и митралеските гнезда за да ги одбијат нападите.
На 18 септември, британските и грчките единици успеале да навлезат во делови од бугарските предни позиции, но силниот артилериски оган и бугарските противнапади ги принудиле да се повлечат од освоените делови. Иако загубите биле огромни, нападот продолжил и следниот ден, но не донел пробив на бугарската одбрана. До крајот на борбите, сојузничките сили не ја постигнале главната цел, а претрпеле тешки загуби.
Победата кај Дојран покажала дека бугарската армија, и покрај исцрпеноста и кризата што се продлабочувала на другите делови од фронтот, сè уште можела успешно да се брани кога располагала со добро утврдени позиции и организирано командување.
Прилеп, 18 септември – последен обид за промена на текот
На 18 септември 1918 година, по посетата на секторот на 3-та пешадиска дивизија, генералот Георги Тодоров се состанал во Прилеп со командантот на германската 11-та армија, генералот Куно фон Штојбен, и со началникот на штабот на Армиска група „Шолц“, полковникот Шверин [18].
Тодоров предложил општа офанзива кон Солун, во која би учествувале 2-та и 1-та бугарска армија, заедно со десното крило на германската 11-та армија. Идејата била да се преземе иницијативата и да се искористи ситуацијата во која сојузничките сили напредувале со различно темпо на одделните делови од фронтот.
Во прилог на ваквиот план одела и бугарската победа кај Дојран. Дополнително, дел од бугарските команданти сметале дека напад од незагрозените делови на фронтот би можел да ги принуди Сојузниците да го забават напредувањето и да ги пренасочат силите за заштита на сопствените крила.
Предлогот на Тодоров бил отфрлен, без да бидат наведени сериозни аргументи за неговото одбивање.

На состанокот било одлучено да им се помогне на единиците во секторот на пробивот. Соседните формации требало да ги задржат своите позиции, а командата да го одреди моментот за евентуално повлекување. Паралелно се разгледувале можностите за создавање резерви и подготовка на нови одбранбени линии, со надеж дека ќе се добие време за пристигнување засилувања.
Можност што брзо исчезнувала
Дали предлогот на Тодоров можел да го промени текот на воените операции? Тоа останува прашање за воена проценка. Концентриран контранапад можел да предизвика дополнителни проблеми за Сојузниците, да ги принуди да пренасочат дел од своите сили или привремено да го забави нивното напредување. Но нема доволно основа да се тврди дека таквата офанзива сигурно би успеала, а уште помалку дека би ја променила конечната стратешка ситуација.
По пробивот кај Добро Поле, бугарската одбрана била сериозно нарушена, а повлекувањето на одделни единици и проблемите со координацијата ја отежнувале подготовката на нова операција. Германската команда, исто така, имала ограничени можности да испрати брзи засилувања, бидејќи Германија водела тешки борби на Западниот фронт.
Така, состанокот во Прилеп го открива судирот меѓу две различни проценки на ситуацијата: обидот на Тодоров повторно да ја преземе иницијативата со офанзивен удар и настојувањето на германската команда да го стабилизира фронтот и да добие време за организирано прегрупирање.
На 18 септември сè уште се разгледувале можности за противнапад, но просторот за нивно спроведување брзо се стеснувал. Пробивот кај Добро Поле веќе ја променил оперативната ситуација, а во наредните денови станувало сè потешко да се воспостави одбрана што би можела да го запре сојузничкото напредување.
Добро Поле и патот до Солунското примирје
Со напредувањето на Сојузничките сили кон Вардарската Долина, биле веќе загрозени главните комуникациски правци на одбраната и практично невозможно било организирањето на нова одбранбена линија. Повлекувањето на бугарските единици постепено прераснувало во поширока воена и политичка криза.

Во војската растело незадоволството поради долгогодишната војна, големите загуби, недостигот од храна и опрема и исцрпеноста на војниците. Дел од војниците одбивале да продолжат со борбите, а незадоволството прераснало во отворен бунт. Во втората половина на септември, дел од побунетите војници се упатиле кон Софија, а на 27 септември во Радомир било прогласено републиканско уредување. Овој настан, познат како Војничкото востание, дополнително ја разнишал бугарската власт и ја забрзал потрагата по излез од војната [19].
Бугарската влада побарала примирје, а преговорите со Сојузниците биле одржани во Солун. На 29 септември 1918 година, во 22:50 часот, било потпишано Солунското примирје, со кое Бугарија ги прекинала воените дејствија против Сојузниците. Од бугарска страна документот го потпишале генералот Иван Луков, Андреј Љапчев и Симеон Радев, а од сојузничка страна — генералот Луј Франше д’Епере, врховен командант на Сојузничката армија на Истокот.
Примирјето стапило во сила на 30 септември 1918 година, напладне.

Примирјето предвидувало повлекување на бугарските сили од окупираните територии во Србија и Грција, демобилизација на најголемиот дел од бугарската армија и предавање на оружјето и воената опрема под сојузничка контрола. Со тоа, Бугарија ја завршила својата воена улога на страната на Централните сили во Првата светска војна.

Интересно е да се нагласи дека два од трите претставници во бугарската делегација Андреј Љапчев и Симеон Радев се со потекло од Македонија, осносно биле родени во Ресен. Андреј Љапчев, покасно во периодот 1926–1931 е и премиер на Бугарија.
Домино ефект – од бугарското примирје до крајот на Првата светска војна
Со потпишувањето на примирјето од страна на Бугарија на 29 септември 1918 година, Централните сили изгубиле важен сојузник и била прекината германската копнена врска со Отоманската Империја.
Српската војска продолжила кон север и на 1 ноември влегла во Белград. Во меѓувреме, под притисок на сојузничките офанзиви на Блискиот Исток и притисокот на Британската војска која од Македонскиот фронт била насочена во овој правец, Отоманската Империја потпишала примирје на 30 октомври.
Со напредувањето на српската војска се зголемил притисокот и кон Австро-Унгарија, која ослабена од воените порази и внатрешните национални кризи, потпишала примирје на 3 ноември 1918 година.
Германија, сама со растечки притисок на Западниот фронт и политички немири на домашен план, била приморана да бара примирје.
Примирјето со Германија било потпишано на 11 ноември 1918 година, во 05:10 часот наутро, во железнички вагон во шумата Компиен, Франција. Стапило во сила истиот ден во 11:00 часот, кога престанале борбите на Западниот фронт.
Само во последниот час во исчекување на примирјето, животот го загубиле околу 5000 војници од двете страни на Западниот фронт.
Македонски војници во Битката на Добро Поле и на Македонскиот фронт
Во Македонија добро е позната приказната за „Брат против брат на Македонскиот фронт“, која Стале Попов ја пренесува во својот роман „Крпен живот“.
Постојат публикации и автори кои ја негираат вклученоста на македонски војници на разни делови од фронтот, најчесто базирајќи се единствено на распоредот на дивизиите. Во оваа секција ќе биде посветено внимание на тоа прашање.
Веднаш по објавата на војната помеѓу Србија и Австро-Унгарија, Србија спровела мобилизација на целата територија. Во Вардарска Македонија тој процес се одвивал бавно и со потешкотии, па во периодот 26–30 јули 1914 година биле регрутирани 12.000 Македонци, кои по кратка обука биле испратени на фронтот [20].

Овие војници биле разместени во разни дивизии на српската војска. Битолскиот пешадиски полк влегол во составот на Дринската дивизија од прв повик, Брегалничкиот во Шумадиската, а Вардарскиот полк во Дунавската дивизија. Во оваа прва регрутација биле вклучени единствено млади регрути од христијанска вероисповест. Подоцна, заради сè поголемата потреба, се пристапило кон општа мобилизација.
Од 1914 до средината на 1915 година биле регрутирани 53.088 војници од Вардарска Македонија, од кои најголем дел го дала Битолската дивизиска област со околу 25.337 војници [20]. Покрај војници, биле мобилизирани и 12.848 коњи, 5.851 волови и крави, 1.175 биволи и биволици како влечна сила, 377 мазги, 1.944 магариња и 2.697 коњски и воловски коли.
Вардарската дивизија од прв повик била формирана во октомври 1915 година и ги опфаќала полковските реони на Скопје, Тетово, Куманово и Прешево [21].
Во Македонија имало и многу такви кои се противеле и ја одбегнале мобилизацијата – 27.786 лица, кои пребегнале кон Бугарија, Грција или во планините. Исто така чести биле случаите на дезертирање на веќе регрутираните војници кои биле испратени на фронтовата линија.
Не се знае точно колку од Македонските војници ги преживеале битките во почетокот на војната. Заробените војници, Австро-Унгарија ги предала на Бугарија по нејзиното вклучување во војната и биле вклучени во бугарските воени единици.
Исто така, не се знае колку од војниците го преживеале повлекувањето на српската војска преку Албанија и стигнале во Грција, каде што, преку новата реорганизирана војска, биле испратени на новоформираниот Македонски (Солунски) фронт.
На Македонскиот фронт кон Вардарската дивизија биле приклучени многу војници доброволци од дијаспората со потекло од разни делови на Балканскиот полуостров, па така Вардарска била преименувана во Југословенска дивизија.
Иста била судбината на Македонците и во другите етнички делови.
Од Егејска Македонија, грчките власти регрутирале околу 20.000 Македонци [23], а најголем број на војници биле регрутирани од страна на Бугарија.
Пред влегувањето на Бугарија во Првата светска војна и нападот на Србија, во есента 1915 година била формирана 11. Македонска дивизија како наследник на Македонско-одринското ополчение (Македонско-одрински доброволни чети), формирано за време на Балканските војни. Оваа дивизија броела околу 34.745 војници и офицери – главно македонски доброволци и бегалци кои веќе се наоѓале во Бугарија. Во мај 1917 година дивизијата била реорганизирана и за време на пробојот во 1918 година била стационирана во секторот околу Дојранското Езеро [24].
По окупацијата на Вардарска Македонија и воспоставувањето на бугарската воена администрација, регрутниот систем бил проширен и врз локалното население. Со зголемувањето на потребите за човечки ресурси, биле опфатени и мажи над 40 години, кои биле вклучени во разни делови од фронтот. Дел биле испратени на самата фронтова линија како пополнување на останатите единици, а дел биле распределени на позадински работи. Според истражувањата на бугарскиот воен историчар Димитар Минчев, во регрутните списоци во Македонија во периодот 1916–1918 година биле запишани околу 80.000 лица [24].

Доколку се земат предвид претходно изнесените бројки, може со сигурност да се заклучи дека на двете страни на фронтовата линија биле вклучени војници од различни делови на Македонија, чиј број, за жал е тешко да се утврди.
Добро Поле по војната и споменикот „Бронзена рака“
Во годините по Првата светска војна, Добро Поле продолжило да живее во сеќавањата на преживеаните војници. Ветерани, учесници во битката, повторно доаѓале на местото каде што се соочиле со ужасите на војната, за да им оддадат почит на загинатите и да се потсетат на настаните што засекогаш ги обележале нивните животи.
Во повоениот период, кога животот во Мариово постепено почнал да се обновува, и околината на Добро Поле повторно оживеала. Луѓе живееле и работеле во овој планински предел, кој само неколку години претходно бил претворен во едно од најзначајните боишта на Македонскиот фронт.
Споменикот „Бронзена рака“
Во селото Градешница и денес се пренесува приказната за споменикот „Бронзена рака“, поставен на Добро Поле во 1938 година, по повод дваесетгодишнината од пробивот на Македонскиот фронт. Споменикот бил замислен како траен белег за битката и на жртвата на војниците што учествувале во неа. Зад неговото создавање стоеле француски ветерани, а делегацијата што дошла на свеченото поставување ја предводел Louis Cordier.
Споменикот го изработил францускиот уметник и скулптор Marcel Canguilhem (1895–1949). Тој бил цртач, илустратор и скулптор, познат и под уметничкото име Cel-le-Gaucher, што во превод значи „леворакиот“. За време на Првата светска војна служел во француската пешадија на Македонскиот фронт. На 15 септември 1918 година, во борбите кај блискиот рид Сокол, му била откината десната рака и според легендата која се пренесува во село Градешница, ја завиткал во крпа и ја скрил под некоја карпа. По војната, творел единствено со неговата лева рака, од каде го добил и своето уметничко име.
Според достапните податоци, Марсел изработил најмалку 4 вакви споменици од кои еден бил поставен и свечено откриен на Добро Поле на 19 септември 1938 година, во соработка со тогашните југословенски, односно српски власти.
Локалното предание раскажува дека свеченоста била проследена со повеќе церемонијални активности, кои биле прекинати по пристигнувањето телеграма до високата Француск делегација со вести за непријателски активности на Германија, пред почетокот на Втората светска.
Во Европа веќе се чувствувала заканата од нова војна, па споменикот што ја одбележувал претходната голема војна бил откриен во време кога мирот веќе бил сериозно загрозен.
За судбината на споменикот постојат различни сведоштва бидејќи со текот на времето тој исчезнал од Добро Поле.
Според некои тој бил уништен во 1942 година за време на повторната окупација на Македонија од страна на Бугарија и Германија.
Според локални кажувања, веројатно споменикот да бил отстранет и продаден како старо железо во некоја од акциите за време на Југославија, кога собирањето на стар метал била една од основните гранки на егзистенција на многу фамилии во Мариово.
Иако споменикот исчезнал, местото каде тој бил поставен останал во меморијата на локалното население како „Бронзена рака“ и приказната се пренесувала со генерации.
Приказната за споменикот повторно станува актуелна во 2012 година, кога францускиот истражувач Franck Roger, од Здружението посветено на сеќавањето на војниците од Дарданелите и Источниот фронт (Association Nationale pour le souvenir des Dardanelles et Fronts d’ ORIENT), со помош на Fabien Schaeffer и локалното население го идентификува и повторно актуелизира местото каде што некогаш стоел споменикот.
Неколку години подоцна, Општина Новаци во соработка со нашето здружение – Оф-Роуд Македонија, постави информативна табла на местото каде некогаш бил поставен споменикот.

Во меѓувреме, Franck Roger на гробиштата во Мон де Марсан (Mont-de-Marsan), родното место на уметникот, пронајд уште еден од спомениците кои Марцел ги изработил во 1937 година кој е идентичен со овој кој бил поставен на Добро Поле.
За време на одбележувањето на настанот по повод 100 годишнината од Битката на Добро Поле, беше направен обид копија од овој споменик направена од композитен материјал да се постави на Добро Поле, но за жал, копијата која беше донесена во Македонија, остана на Француските воени гробишта во Битола.

Литература и извори
[1] Battlefield Maps – Balkan Front | Operations in Salonika 1916
[2] Ангел Џонев, Кюстендил – военната столица на България през Първата световна война.
[3] Урокът от Добро поле, Изпитанията във войната 1915 – 1918 | от Димитър Азманов | 1935
[4] Државен архив на Република Македонија – оделение Битола, Фонд Манаки
[5] Proboj Solunskog Fronta, Author: Nedeljković, Lj. A., Belgrade, Serbia, October 1928
[6] Ратни албум : 1914-1918 | Popović, Andra | 1926
[7] Luigi Villari, The Macedonian Campaign, 1922
[8] Француски воени карти
[9] Македонија во времето на Балканските и Првата светска војна (1912-1918), Петар Стојанов, Институт за Национална Историја, 1969
[10] Bilder vom mazedonischen Kriegsschauplatz. Im Auftrage eines Generalkommandos herausgegeben von der Münchener Graphischen Gesellschaft. | Leutnant d.L. gesammelt und zusammengestellt von Ludwig von Buerkel, Münchener Graphischen Gesellschaft,
Published by Verlag der Münchener Graphischen Gesellschaft Pick & Co
[11] „Градешница” – монографија – автор: Трајко Босеовски | Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17
[12] Solunski front | Milivoje Alimpić | Београд : Војноиздавачки завод, 1967
[13] Jacques Ancel, La Croisade de Salonique (12 octobre 1915–13 novembre 1918), Revue des Deux Mondes, 6e période, t. 55, 1920)
[14] Istorija Jugoslovenskog vazduhoplovstva | Sava J. Mikic | Beograd 1932
[15] Breakthrough on the Macedonian Front during the First World War – military archival material
[16] Battle of Dobro Pole (Wikipedia.org)
[17] Francuski воени карти
[18] Станчо Станчев и Тодор Петров, История на сухопътните войски на България. Том първи, Софија, 2014 pg 260
[19] Radomir Rebellion (Wikipedia.org)
[20] Солунско примирје [Wikipedia.org]
[20] БИТОЛСКИОТ РЕГИОН ЗА ВРЕМЕ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА (1914-1918) (докторска дисертација) | м-р Петар Солаковски ментор | проф. Д-р Михајло Миноски
[21] Вардарска дивизија | Министарство културе Република Србија
[22] „Битола низ стари разгледници“ | Автор: Димче Најдов | Издавач: НУ Завод и Музеј Битола | ISBN 978-608-4754-01-5 | COBISS.MK-ID 96689930
[23] Александар Апостолов – ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ДО ИЗБОРИТЕ ЗА КОНСТИТУАНТATА — 28 НОЕМВРИ 1920 ГОДИНА
[24] Минчев, Димитър. Участието на населението от Македония в българската армия през Първата световна война 1914–1918 г. София: Военно издателство, 1994




