Чебрен – Манастир во Мариово

Garmin Fenix Ad

Во минатото манастирскиот комплекс Чебрен бил еден од најбогатите и најпознатите во Мариово и пошироко. Неговата поволна стратешка позиција и фактот што во Мариово за време на турското владеење немало исламизација на населението, го направиле еден од најбогатите во Македонија.

Ова може да се забележи и преку темелите на стариот храм Св. Димитриј (XV век), кој во тој период бил со импресивни димензии, а од него останал само олтарниот дел, кој денес е вграден во новиот објект.

St. Dimitrij, Chebren Monastery, Mariovo, Macedonia

Св. Димитриј, манастир Чебрен

Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта.

Според пишаните документи манастирот во XIX век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Во ова училиште се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села.

Chebren Monastery, Mariovo, Macedonia

Влезна порта – остаток од одбранбениот ѕид на Манастирот. Во централната ниша над влезот е прикажан Св. Димитриј – заштитникот на градот Солун, кој е качен на коњ и до десната рака држи копје. Во позадина се прикажани делови од архитектурата и  храмот Св. Димитриј во Солун. 

Во склоп на манастирот се наоѓа и храмот Св. Спас, кој е со помали димензии и е познат по вредниот фрескоживопис кој датира од XVI век.

Chebren Monastery, Mariovo, Macedonia

Фрескоживопис во храмот Св. Спас

Манастирот Чебрен е лоциран по течението на Црна Река на 5,5 км од село Зовиќ. Пред селото се скршнува лево и се вози приближно 1 ч по пат наменет исклучиво за теренски возила.

Исто така до манастирот води и необележана пешачка патека од село Зовиќ во траење од час и половина, која воедно е и облична можност за уживање во живописните предели на овој дел од Мариово.

Манастирот го слави празникот Ѓурѓовден (5 и 6 мај).

Garmin Fenix Ad