На брегот на Дојранското Езеро, во Грција, во близина на границата со Македонија, се наоѓа значајно место на сеќавање поврзано со Првата светска војна и Македонскиот фронт.
Британските воени гробишта и Меморијалниот комплекс во непосредна близина, се наоѓаат меѓу ридовите каде што од 1916 до 1918 година се воделе тешки битки меѓу сојузничките (британските) и силите на Централните сили (бугарските).
Денес, мирниот пејзаж на ова место, нити малку не наликува на пеколот кој се случувал за време на Првата светска војна.

За посетителите кои се интересираат за историја и Прва светска војна, овие две места нудат можност да се запознае важен дел од Македонскиот фронт, но и да се ужива во тивката природа и пејзажот околу Дојранското Езеро.
Фото галеријата на крајот од текстот ги прикажува гробиштата, меморијалот и околината.
Британски воени гробишта
Британските воените гробишта, првично познати како „Colonial Hill Cemetery No. 2“, биле основани кон крајот на 1916 година како британски воени гробишта за Дојранскиот фронт.

Поголемиот дел од погребаните биле офицери и војници од 22-та и 26-та дивизија. Гробовите се поврзани со некои од најголемите битки што се воделе во околината на Дојран за време на Првата светска војна.
Особено значајни биле борбите во април и мај 1917 година, вклучувајќи ги нападите врз Мала-круна (Petit-Couronne), како и борбите на 18 и 19 септември 1918 година, за време на нападите врз Пип Риџ (Pip Ridge) и Голема-круна (Grand-Couronne).

После пробојот на Македонскиот фронт во октомври и ноември 1918 година, на гробиштата биле извршени и неколку дополнителни погребувања. Меѓу нив биле и војници кои починале во 25-та станица за прием и згрижување на ранети војници.
По примирјето, на гробиштата Дојран биле пренесени и посмртните останки од околните боишта и од помали воени гробишта.
Меѓу нив биле и гробовите од Британските воени гробишта Струмица, кои се наоѓале северозападно од Дојран и биле основани од 40-та станица за прием и згрижување на ранети војници во октомври и ноември 1918 година.
Денес, на гробиштата се наоѓаат 1.338 гробови на припадници на силите на Комонвелтот од Првата светска војна, од кои 449 се неидентификувани.
Тука се наоѓаат и еден француски и 45 грчки воени гробови.
Гробиштата се внимателно одржувани и се наоѓаат во мирна природна околина. Редовите бели надгробни плочи се силен потсетник на човечките жртви од борбите на Дојранскиот фронт.
Воените гробишта Дојран и Меморијалот Дојран се одржуваат од страна на Commonwealth War Graves Commission (CWGC) и се меѓу најдобро уредените и одржувани места на сеќавање од Првата светска војна на Балканот.
За повеќе информации: enquiries@cwgc.org
Меморијал Дојран
Недалеку од гробиштата се наоѓа Меморијалот Дојран, изграден на местото кое за време на Првата светска војна било познато како “Colonial Hill”.
Меморијалот се наоѓа приближно во центарот на линијата што сојузничките сили ја држеле во Македонија во текот на две години. Тој е близу до западниот дел на секторот што го држеле силите на Комонвелтот.

Токму тука се воделе некои од најтешките борби на Дојранскиот фронт во 1917 и 1918 година.

Меморијалот е посветен на Британските сили на Македонскиот, познат и како Солунски фронт (British Salonika Force) и е место на сеќавање за повеќе од 2.000 припадници на силите на Комонвелтот кои загинале во Македонија, а чии гробови не се познати.
Кампањата била особено тешка за сојузничките сили. Од октомври 1915 до крајот на ноември 1918 година, Британските сили имале околу 2.800 загинати во борби, 1.400 починати од здобиени рани и 4.200 починати од болести.

Тешките услови на Дојранскиот фронт и самата природа на теренот претставувала голем предизвик за војниците.
Сојузничките сили се соочувале со тешко планинско подрачје, широка долина со река каде што владеела маларија и недостиг од соодветна патна и железничка инфраструктура.
За потребите на воените операции морало да се градат нови патишта и железнички линии, додека болестите останале сериозна опасност во текот на целата кампања.
Затоа, Меморијалот Дојран не ги одбележува само војниците кои загинале во битките, туку и поширокото искуство на припадниците на силите на Комонвелтот кои служеле на Македонскиот фронт.
Архитектура и историја
Меморијалот бил проектиран од познатиот шкотски архитект Сер Роберт Лоример (Sir Robert Lorimer), додека скулптурите ги изработил Волтер Гилберт (Walter Gilbert).
Меморијалот свечено бил откриен на 25 септември 1926 година од страна на Сер Џорџ Мекдонаг (Sir George Macdonogh).
Неговата местоположба на поранешното боиште му дава особено значење. Од тука посетителите можат да го погледнат околниот терен и да добијат подобра претстава за местото каде што се воделе борбите за време на Првата светска војна.
Дојрански сектор – Македонски фронт
Подрачјето околу Дојранското Езеро било дел од поширокиот Македонски фронт, каде што сојузничките сили се бореле против бугарските и германските сили.
Фронтот бил воспоставен во 1915 година и во поголемиот дел од војната останал релативно непроменет. Ситуацијата се променила со големата сојузничка офанзива во септември 1918 година, кога биле пробиени бугарските позиции.
Дојран бил еден од главните делови на овој фронт. Околните ридови, меѓу кои Мала круна, Пип Риџ и Голема круна, биле силно утврдени, а против нив биле извршени повеќе напади.
Борбите кај Дојран понекогаш остануваат во сенка на попознатите битки на Западниот фронт. Сепак, Дојранското боиште е важен дел од историјата на Првата светска војна во Југоисточна Европа.
Денес, гробиштата, меморијалот и околниот пејзаж го прават ова подрачје интересно место за сите кои сакаат да ја истражат историјата на Македонскиот фронт.
Како да стигнете до Дојранските воени гробишта и Меморијалот
Воените гробишта Дојран се наоѓаат во северна Грција, во близина на границата со Македонија и на југоисточниот брег на Дојранското Езеро.
Гробиштата се на околу 2 километри северозападно од селото Патарос (Δροσάτο, Дросато), зад и западно од селото Дојрани (Δοϊράνη). До нив се стигнува по земјен пат кој е во добра состојба и е подоген за лесни коли.
Меморијалот Дојран, кој се наоѓа на ридот над гробиштата, може да се забележи од поголема далечина и е јасно означен со патокази.
Посета на Дојранските воени гробишта и Меморијалот
Гробиштата и меморијалот се отворени во секое време и можат да се посетат во текот на целата година.
Посетителите треба да имаат предвид дека ова е место на сеќавање и да се однесуваат со соодветна почит кон загинатите војници кои се погребани тука и кон оние кои се одбележани со меморијалот.
Комбинацијата од воените гробишта, Меморијалот Дојран и околниот пејзаж го прави ова место интересно за сите кои се интересираат за Првата светска војна и Македонскиот фронт.
За дополнителни информации за гробиштата и воените гробови на Комонвелтот во регионот, можете да се обратите до Commonwealth War Graves Commission (CWGC).
Дојрански воени гробишта и Меморијал Дојран
📍 Во близина на Дојрани, Грција
📍 GPS – гробишта: 41.169415311202805, 22.76752433544688
📍 GPS – меморијал: 41.16826038908386, 22.76235303666894
🕐 Гробишта: отворени постојано
Овој текст е подготвен како историски и туристички водич. Пред патувањето, посетителите треба да ги проверат актуелните услови за пристап, состојбата на патот и информациите поврзани со граничниот премин.
Фото галерија - Дел 1
Дел 2
Дел 3 - Меморијал
Не пропуштајте:
- Дојран и Дојранско Езеро (Мега фото галерија)
- Кајмакчалан (2521 m) – Ниџе планина – сведок на Големата војна (+фото галерија)
- Битката на Добро Поле – 15.09.1918/2018 – 100 години од пробојот на Македонскиот фронт














































