Црква Свети Никола – село Градешница, Мариово

Sv. Nikola, Gradesnica, Mariovo (Градешница Мариово)
Back
Next

Вовед

Кон крајот на XVIII и почетокот XIX век, во Турската империја се случуваат крупни општественo-политички и економски промени како резултат на воените порази што ја доведуваат земјата во економска и политичка зависност во однос на европските земји.

Во тој период Македонија сеуште била составен дел на пространиот Румелиски елает, со центар во Софија, кој наскоро заради военостратешки и политички причини бил пренесен во Битола. Со Едренскиот мир во 1828 и Договорот меѓу Русија и Турција во 1830 година на христијанскиот свет под турска окупација му се одобруваат поголеми повластици.

Gradesnica village in Mariovo
Поглед кон село Градешница

Со објавувањето на највисокиот турски државен декрет Ѓулахански хатишериф 1839 се проклмира првпат од султанот Абдул Меџит, полна рамноправност пред законот на сите граѓани без разлика на вероисповест, народност и социјална положба. Овие реформи отвораат еден траен процес на политички, социјално-економски и културни движења и во тој контекст, нов општествен подем.



Влијанието на општествените односи ќе се почувствува врз најшироки основи, на духовен, културно-просветен и уметнички план. Со укинувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија, Цариградската патријаршија станува спроводник на грчкото влијаније, а Бугарската егзархија на бугарското, подоцна и Српската, застанувајќи против иницијативите на македонското население во поглед на неговото економско и културно издигнување.

Но и покрај се во Македонија во деветнаесетиот век, се случува таканаречениот Преродбенски период која сеуште се наоѓа во рамките на Османлиска Турција, но зафатена и од еден поширок процес – Индустриската револуција што се случува во Европа. Во Преродбенскиот период започнува засилена активност на возобновување на црквите и манастирите во Македонија. Се интензивизира и градежната дејност за потребите на христијанското население. Архитектурата, сликарството, копаничарството, започнуваат во целост да ја манифестираат психолошката карактеристика на времето и новиот живот, а нејзиниот израз, духовната атмосфера на епохата.

Со засиленото економско зајакнување на македонскиот елемент започнала и изградбата на пошироки и повисоки религиозни објекти – цркви од солиден материјал. Започнуваат да се градат во еден препознатлив архитектонски тип за XIX век, со просторна базиликална диспозиција, при што претставуваат висок технички дострел за периодот кога се подигнати.

Селото Градешница ја продолжува својата градителска традиција и во периодот на XIX век. Во тој период во селото Градешница изграден е еден таков религиозен објект во центарот на селото.


Прочитајте повеќе за: село Градешница, Општина Новаци 


Тоа е црквата Свети Никола, за што дознаваме од ктиторскиот натпис, дека храмот бил подигнат во 1862 година. Дваесетина години подоцна, црквата била живописана. Во 1918 година, за време на Првата светска војна црквата претрпела поголеми разурнувања.

Црквата Св. Никола за време на Првата светска војна

Постојат некои тези дека деветанесетовековната црква е изградена на темелите на постара. Како би се потврдило или отфрлило ова тврдење, потребно е да се извршат пообемни истражувања вклучувајки ги и археолошките.

Но, со сигурност се знае дека црквата како и многу други објекти во селото претрпеле големи штети во тек на Првата светска војна, односно во 1918 година. Поради тоа биле извршени поправки врз архитектурата во 1923, а ѕидното сликарство било обновено во 1927 година, кај горните зони на страничните кораби и централниот кораб. Овие оштетени површини биле повторно осликани од страна на Коста Николиќ со неговите синови Јаким и Теодосија, по потекло од Лазарополе, за време на Митрополитот Јосиф од Битола. Во поново време вршени се дополнителни поправки на покривот и тремовите на западната и на јужната страна на црквата.

Во периодот од 1881 до 1893 година, дебарските зографи, ученици и следбеници на Дичо Зограф, предводени од неговиот син Аврам, ќе насликаат неколку преродбенички цркви во Мариово, во чија сликарска програма свое место ќе најде и заедничката композиција со ликовите на св. Кирил и св. Методиј.

Иако потписот на Аврам Дичов го среќаваме единствено во манастирската црква Св. Илија во селото Мелница, чии фрески се датираат во 1881 година, на оваа зографска тајфа можат да и се припишат уште неколку живописани цркви во Мариово. Меѓу генерацијата зографи, ученици и следбеници на Дичо Зограф, во чија сликарската програма свое место ќе најдат и ликовите на св. Кирил и св. Методиј, се браќата Јосиф и Јаков Радевич, кои потекнуваат од мијачкото село Лазарополе, од родот Мажовски. Нивната зографска дејност особено е плодна во последната четвртина на XIX век, во регионот на југозападна и северна Македонија. За осликувањето на црквата Свети Никола во село Градешница многу поверојатно е дека била ангажирана зографската тајфа на браќата Јосиф и Јаков Радевич.

Фотографија бр. 1 Изглед на црквата од југ
Фотографија бр. 1 Изглед на црквата од југ
Фотографија бр. 2 изглед на црквата од исток
Фотографија бр. 2 изглед на црквата од исток
Back
Next