Staravina, Mariovo

Старавина, Мариово – откријте ја приказната за Калеш Анѓа

Село Старавина некогаш центар на Општина Старавина е лоцирано на 50 км од Битола. Ова село е познато по приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка со челична волја спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија.

Калеш Анѓа - Масло на платно - автор - Дејан Макриевски
Калеш Анѓа – Масло на платно – автор – Дејан Макриевски

Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н. „Мариовска буна“(1564/65 г).

Населението во Мариово и пружило голем отпор на Отоманската војска и во неколку наврати истата и ја совладале. Сепак обиколени од сите страни од многубројниот непријател, востаниците морале да се повлечат тврдината Пешта, лоцирана помеѓу селата Старавина и Градешница. Неможејќи на сила да ја освои тврдината, Отоманската војска се послужила со итрина и го лоцирала подземниот канал, низ кој што тврдината се снабдувала со вода. Дел од изжеднетите востаници се одлучиле на борба до смрт на портите на тврдината, а додека пак другиот дел заедно со жените и децата биле земени во заробеништво.

Поглед кон „Тврдината Пешта“
Поглед кон „Тврдината Пешта“

Постојат докази дека тврдината Пешта постоела уште од времето на античките македонски кралеви. По Мариовската буна таа ја изгубила својата оригинална намена и била оставена на забот на времето. Денес разрушена, во голема мера и поради бомбардирањето во текот на Првата светска војна, таа останува како нем сведок за бурното минато на овие простори.

Во 1953 година село Старавина имало 741 жител и било административен центар на Битолскиот дел од Мариово. Во селото имало касарна, полиција, пошта, поостојана амбуланта и осмолетка (изградена 1950) до која секојдневно пеш патувале учениците од селата Градешница, Будимирци, Груниште и Зовиќ.

Подоцна по осамостојувањето на Македонија, била формирана и Општина Старавина (1997 г) во која влегувале селата од Битолско Мариово, која подоцна е припоена кон Општина Новаци.

Според пописот од 2002 година, село Старавина имала 22 жители, број кој денес е намален под 10 постојани жители.

Слава на селото е Голема Богородица (28 Август).

Успение на пресвета Богородица
Успение на пресвета Богородица

Храмот Успение на пресвета Богородица е сместен во центарот на селото. Изграден е во 1860 година, а живописан во 1887 г. Сигнатурите на фреските првично биле испишани на грчки, а по обновата по Првата светска војна на старословенски јазик.
За време на Првата светска војна, селото се нашло на самата фронтова линија и било во голема мера разрушено.

Горна Црква село Старавина, Мариово
Горна Црква село Старавина, Мариово

На влезот во селото од десната страна, не може а да не го забележите објектот т.н. „Горна црква“. Според кажувањата на локалното население, оваа црква била градена од српската власт по Првата светска војна, со намера подрумот од истата да послужи како костурница за загинатите српски војници на овој дел од Македонскиот фронт. Сепак, црквата никогаш не била довршена бидејќи не била прифатена од локалното население. Иако солидна по градба, оваа црква и денес стои откриена и осамена во влезот на село Старавина.

Веднаш пред црквата е се видливи бункери, остатоци од фронтовата линија која се протегала низ село Старавина за време на Првата светска војна.

Бункер од Првата светска војна во село Старавина
Бункер од Првата светска војна во село Старавина

Во близина на село Старавина на Старавинското Тумбе е сместен манастирот Св. Атанасиј.

Манастир Св. Атанасиј, Старавина
Манастир Св. Атанасиј, Старавина

Стариот храм во манастирот потекнува од 1860 година, а во непосредна близина е и новиот храм кој е изграден неодамна заедно со конаците. Манастирот Св. Атанасиј е сместен на исклучително погодна положба, од каде посетителите на дланка го имаат цело Мариово.

Поглед од манастирот Св. Атанасиј, Старавина
Поглед од манастирот Св. Атанасиј, Старавина
Поглед од манастирот Св. Атанасиј, Старавина
Поглед од манастирот Св. Атанасиј, Старавина
Поглед од манастирот Св. Атанасиј, Старавина
Поглед од манастирот Св. Атанасиј, Старавина

Манастирот ги слави празниците Св. Атанасиј Велики 14 и 15 мај и Преображение Христово 18 и 19 август.

Контакт за манастирот Св. Атанасиј:

  • Ile Josevski / +389 75 237 778 (viber) / ilcekasap@hotmail.com

Како до село Старавина

До селото води регионалниот пат R1311 кој од Битола преку селата Логоварди, Новаци, Маково, Рапеш, води до село Старавина (50 км) а завршува во село Градешница (52 км). Голем дел од овој пат е асфалтиран (47 км), а околу 3 км се земјен пат кој се очекува да биде асфалтиран во 2019 година.

Предлог џип екскурзии: